Камионите со храна и облека од Скопје тргнаа кон Турција

0
16

Два камиона со 25 тони храна и хигиенски материјали како и 4.000 ќебиња се упатуваат кон местата погодени од земјотресот во Турција. Ова е првата голема помош на нашиот Црвен крст, а покрај тоа, оваа организација собира пари и преку бројот за донации и жиро-сметките. До денеска се собрани вкупно 407.000 евра, од кои 194.000 само од телефонските линии.

„Многу брзо во текот на наредната недела, овој пат повторно ќе можеме да испратиме хуманитарна помош од ваков карактер и големина до погодените региони во Турција. Во Сирија, за жал, со хуманитарна помош не можеме да стигнеме во оваа форма, но со мобилизација на финансиски средства верувам дека ќе му помогнеме и на народот во Сирија“, рече Саит Саити, Црвен крст.

Турскиот амбасадор во Скопје се заблагодари за помошта од сите во земјава. Дел од помошта е веќе стигната во подрачјата погодени од земјотресите.

„Во соработка со амбасадата на Република Турција во Скопје, преку разни организации, компании и со помош на нашите браќа и пријатели од оваа земја, досега се испратени 850 тони прехранбени производи, 53 тони облека, 27 тони хигиенски материјали. Испратени се 34.360 ќебиња, 186 грејни тела, 37 шатори и 18 агрегати“, рече Хасан Мехмет Секизкок, Амбасадор на Турција во Скопје.

Во меѓувреме се собираат средства и преку продажба на храна, книги и други артикли по симболична цена во скопската чаршија.

Сликарот од Тетово, Невзат Кица стави на аукција свои дела.

„Ги избрав овие две слики кои одат на моја лична, приватна аукција и првичната цена ќе биде 50 евра. Оној кој ќе понуди третата цена ќе ги добие… за донација во Сирија и Турција“, рече Кица.

Покрај Владата, пари одвоија и општините, многу организации, фирми и поединци.