Ниту потврдено, ниту одречено регрутирањето доброволци од страна на Вагнер во регионот

0
19

Вагнер групата е приватна воена компанија, со изразени врски со руската влада, чиј сопственик е Евгениј Пригожин, именуван како „готвачот на Путин“ поради бројните зделки поврзани со подготовка и продажба на храна во и околу Кремљ. Втора значајна фигура на Вагнер е Дмитриј Уткин, поранешен припадник на специјалните сили на ГРУ – руската воена разузнавачка служба. Вагнер е таму каде што е и военото присуство на Русија, но со тивко делување, чија вмешаност е негирана од руската влада. Интензивното споменувањето на Вагнер групата во Србија започна во декември 2022 година, кога се појавија вести за неколку српски доброволци кои веќе се обучуваат за борба во Украина. Во центарот на Белград на 14 јануари беше откриен мурал во кој се слави Вагнер.  Во исто време медиумите објавија непотврдени информации дека во главниот град на Србија е отворен културен центар на Вагнер групата

 

 

Пишува: Весна Коловска

 

 

Паравоената група Вагнер преку платен оглас што се појави на 5 јануари на порталот на српски јазик Russia Today Balkan, повика на регрутирање на сите потенцијални волонтери од Србија во војната во Украина.

Под насловот „Вагнер објавува оглас за волонтери, условите се повеќе од примамливи“, објавата содржеше детали за условите за учество во војната, заработката и обуката. Огласот, што, според српските медиуми покрена серија реакции, набргу го снема од веб-страницата на РТ Балкан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, во интервју за националната телевизија „Хепи“, луто го коментираше огласот.

Зошто вие од Вагнер, повикувате некого од Србија кога знаете дека тоа е спротивно на нашите правила?!, реагираше Вучиќ, потсетувајќи на Законот од 2015 година со кој секое учество во странски војски се смета за кривично дело.

Оваа реакција следуваше по редица настани, по кои во повеќе наврати беше поставено прашањето – каде во Србија и регионот делува Вагнер групата, чие паравоено дејствување е потврдено на украинскиот фронт, но и во Африка и некои други земји?

Вагнер групата е приватна воена компанија, со изразени врски со руската влада, чиј сопственик е Евгениј Пригожин, именуван како „готвачот на Путин“, поради бројните зделки поврзани со подготовка и продажба на храна во и околу Кремљ. Втора значајна фигура на Вагнер е Дмитриј Уткин, поранешен припадник на специјалните сили на ГРУ – руската воена разузнавачка служба. Вагнер е таму каде што е и военото присуство на Русија, но со тивко делување, чија вмешаност е негирана од руската влада. Неколку месеци по почетокот на војната во Украина, во септември 2022 година, Вагнер јавно се декларираше дека е основан со цел „да ги брани интересите на Русија“.

Во некои африкански земји, тие дури и неуспешно се обидоа да организираат политички кампањи и иницијативи за лобирање.

 

Центар на Вагнер во Белград

Интензивното споменувањето на Вагнер групата во Србија започна во декември 2022 година. Тогаш се појавија вести за неколку српски доброволци кои веќе се обучуваат за борба во Украина. Во центарот на Белград на 14 јануари беше откриен мурал во кој се слави Вагнер.  Во исто време медиумите објавија непотврдени информации дека во главниот град на Србија е отворен културен центар на Вагнер групата.

 

Се работи за руско-српскиот културно-информативен центар за пријателство и соработка „Орли“. Но, наводниот шеф на „Орлите“, Александар Лисов, ги негираше информациите за отворањето на центарот во Србија. Тој изјави дека неговиот центар работи само во Санкт Петербург, каде што групата Вагнер обезбедила простории за оваа организација. Иако на руско-српскиот центар „Орли“ бесплатно му беа дадени просториите на Вагнер, Лисов тврди дека Вагнер „никако не им помага“ во собирањето информации за руските либерали во Србија и дека „Орли“ „тоа го прави сам“.

Покрај користењето на просториите, ние немаме друга соработка со нив (Вагнер) – ниту финансиски, ниту воопшто, тврди Лисов.

 

Српско – руска соработка преку Вагнер

Веста за отворањето на центарот во Белград се појави откако лидерот на српска ултрадесничкарска организација „Национален фронт“, Дамјан Кнежевиќ, се врати од посетата на штабот на војската на Вагнер во Санкт Петербург.

Кнежевиќ, се најде во информативното видео за посетата на Вагнер. Тој зборуваше за поддршка и помош од Русија.

Мораме да ја изразиме нашата поддршка за Русија, но тоа е и голем дел од нашата поддршка за Србија. Мора да обезбедиме најголема можна соработка и помош од Руската Федерација. Ова е и помош од руската армија во случај на конфликт на Косоворече Кнежевиќ.

 

По неговата посета избувнаа тензии и барикади на Косово, а Кнежевиќ организираше протест за поддршка, во кој ги повика Србите не само од Србија, туку и од Босна и Црна Гора, да се соберат на косовскиот граничен премин Јариње на 18 декември. Протестот беше организиран под слоганот „Молете се на Бога и држете се до Русија“. Косовските медиуми напишаа дека забележале обележја на Вагнер групата заедно со руското знаме. Видеото од тој протест го објави групата Вагнер на својот канал Телеграм со коментар:

Патриотска акција во Белград во услови на влошување на ситуацијата во Косово.

Косовската претседателска, Вјоса Османи во интервју за лондонски Телеграф предупреди дека платениците на руската група Вагнер соработуваат со српските паравоени сили за шверц на оружје и воени униформи без амблеми на Косово. Османи вели дека оваа операција има за цел да создаде терен за евентуален хибриден напад од Србија за преземање контрола на територијата на Косово.

Претходно, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ, во изјава за Радио Слободна Европа (РСЕ) од 9 јануари потврди дека разузнавачките податоци укажуваат на присуство на групата Вагнер во таа област.

Меѓутоа, Вук Вуксановиќ од Белградскиот безбедносен форум на прашањето на Вистиномер за присуството на Вагнер во регионот, вели дека за тоа зборуваше и косовскиот премиер Албин Курти.

Сепак, видовме само неколку десничари со капи на Вагнер. Приштина ова го користи само со надеж дека ќе го претстави Белград како посредник на Москва за потенцијално да ја добие наклоноста на Западот во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Во Македонија засега не гледам докази или индиции за присуство на оваа групани одговори Вуксановиќ.

Вуксановиќ: Нема масовно присуство на Вагнер

Тој смета дека не може да се зборува за масовно присуство. Како што вели, се појавија мурали во Белград, десничари кои го посетија нивното седиште во Русија и за оглас „маскиран како медиумски текст кој мораше да се повлече, најверојатно како резултат на интервенцијата зад затворени врати на некој од српското претседателство“.

Во однос на евентуалното регрутирање на поединци за бојното поле во Украина или на друго место, вели дека тоа е секогаш проблем за локалните безбедносни служби, но додава и дека платеници од овие области секогаш ќе постојат.

 

Досега, се чини дека Вагнер сакаше потенцијално да ја исплаши руската заедница во Србија да не биде критична кон руската влада, но уште поважно од тоа, да се промовира како глобално релевантна формација. За земјите како Србија би бил голем ризик доколку се обидат истото што се обиделе во Африка да организираат политички мрежи и кампањи, што во Србија, каде што има симпатии кон Русија во јавното мислење, би било проблем за српската влада доколку се обиде премногу силно да се сврти кон Запад. Ова е сè уште во доменот на теоријата, бидејќи нема индикации дека во моментов имаат сила за такво нешто и локалните елити не би го дозволиле тоа. Тоа не би го дозволиле ниту поради заканата што би ја претставувала за нив, ниту пак, сакаат да привлечат притисок од Западот, анализира Вуксановиќ.

 

Дали Р.С. Македонија е на мапата на Вагнер?

Маргинално е присуството на групата Вагнер во Македонија, е ставот на професорот на Воената академија, Методи Хаџи Јанев. Иста е оценката и за евентуалната регрутација на доброволци од Македонија, кои би се бореле на страна на Русија во Украина.

Мислам дека нема присуство и многу слично, како и со дезинформациите, Белград, Подгорица и Бања Лука се базените каде оваа поддршка е поголема. Ако има македонски државјани кои би се регрутирале за таму или веќе се регрутирани (иако не е исклучено и преку Бугарија или други земји заради целата либерализација и глобализација), тоа најверојатно би било оттаму, оценува професорот Хаџи Јанев.

За него значајно прашање е отпорноста на македонското општество кон овие процеси, за кои оценува дека е многу мала.

Ние имаме многу посериозни работи каде отпорноста, или би рекол жилавоста на системот крахира, а за оваа категорија на опасност не верувам дека имаме некоја научена лекција од случајот со ИСИС. Земете ги сајбер нападите, хибридните закани и слично, паралелно со бранот на борци кои заминуваа своевремено во редовите на ИСИС и ќе видите дека не може да се идентификува посебен протокол во целокупниот систем за управување со кризи кои би работел на превенција или одвраќање на вакви појави. Ако има таква појава, најверојатно тоа се волци самотници, кои се или регрутирани онлајн, или пак, се регрутирале онлајн, преку некој од каналите на социјалните медиуми или ехо ќелиите и форуми на портали, смета Хаџи Јанев.

Во време на интензивни геополитички промени во регионот, состојбата на Косово, кога македонскиот државен врв секојдневните дојави за поставени бомби ги именува како хибридна војна, Пригожин објави дека не делуваат во регионот.

Вагнер не работи во Србија и нема контакти во таа земја. Гласините за соработката на Вагнер со Србија се целосно неосновани, соопшти службата на Евгениј Пригожин на социјалната мрежа Телеграм.

Белградскиот адвокат Чедомир Стојковиќ, групата Октобар и партнерските здруженија на Украинците и Русите, ја обвинија групата Вагнер за регрутирање српски државјани за учество во руската инвазија на Украина. Поднесоа кривична пријава против рускиот амбасадор во Србија, директорот на Безбедносно информативната агенција (БИА) и против лица од десничарската организација Народна патрола, која ја поддржува руската паравоена група Вагнер.

Значи, работите се многу јасни. Групацијата Вагнер е основана за да мобилизира луѓе во странство, надвор од границите на Русија. Тоа е првиот факт, а вториот е дека граѓаните на Србија биле регрутирани да војуваат. Несомнено е дека Вагнер е активен во Белград и Србија и дека ги мобилизира своите граѓани, а несомнено е дека се вмешани и одредени членови на дипломатскиот кор, изјави Стојковиќ.

Вишото јавно обвинителство во Белград ги отфрли кривичните пријави оценувајќи дека „наводите се засноваат на неосновани тврдења и низа претпоставки“.

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.