ФАЛИШЕ И САРАЌИНО СО ВОДА ЌЕ СЕ СНАБДУВААТ ОД БУНАР ОТИ ЈКП ТЕТОВО НЕ МОЖЕ ДА ГО ЛОЦИРА ДЕФЕКТОТ НА ВОДОВОДНАТА ЛИНИЈА

0
28

И по три недели Јавното комунално претпријатие Тетово не успеа да го лоцира дефектот на водоводниот систем, кој поради тетовските села Фалише и Сараќино се без вода за пиење.

Се работи за систем кој се снабдува со изворска вода од Шарпланинскиот масив кај село Палчиште, со водоводна траса долга до селата и до 12 километри, што го отежнува лоцирањето на дефектот.

 

 

Од ЈКП Тетово велат дека жителите од Фалише веќе имаат вода за пиење. Во функција е ставен бунар за потребите на ова население, а во меѓувреме е ископана и нова бушотина за поголем бунар, кој ќе има капацитет да ги снабди со вода и двете села.

„Бунарот е ископан водата е извадена, сега е фаза на прочистување на водата и поставување на пумпа, мора да се види квалитетот, односно да се испита водата.  Таму е ископано и претходно бушотина, но се работи за мала бушотина, која нема издашност да ги снабди и двете села. Сега до старата бушотина се направи нова поголема бушотина, за да може да се снабдат двете села. Сега тој бунар ќе се приклучи на стариот водоводен систем, односно постоечкиот. Бушотината е многу блиску до постојниот систем. Водата наместо да се носи од подножјето на Шара до селата, а се работеше за траса од 12 километри, сега од бушотината до селата ќе имаме траса од неколку килоемтри. Треба да се изгради пумпна станица, објект со опрема и тоа ќе биде за кратко време“, изјави за „Слободен печат“ Љулзим Шаќири раководител на регионалата единица Водовод и канализација при ЈКП Тетово.

Тој вели дека дефектот кај стариот водоводен систем не може се лоцира оти немаат проект за водоводната траса долга 12 километри, а голем дел од земјиштетото каде поминува трасата веќе е приватизирано.

„За тој водовод нема проект за трасата, ние таа водоводна линија ја имаме наследено како инфраструктурен објект. Сега не можеш секаде да интервенираш, оти имало во меѓувреме и експропријација на земјиштето каде што се движи трасата и оперативно не знаеме каде се движи точно таа водоводна траса. Да беше некој голем дефект ќе избиеше на површина ќе имаше вода негде на површина, сега немаме никакви информации дека некаде избила вода“, рече Љулзим Шаќири раководител на регионалата единица Водовод и канализација при ЈКП Тетово.

Се работи за водоснабдителен систем кој е дотраен, причина поради која често пати се соочува со дефекти, а селата остануваат без вода за пиење.

ИЗВОР СП