Две верзии за урнатиот американски дрон во Црно Море – можна е и трета!?

0
32

Две спротивставени верзии се пласираат за инцидентот во кој американски воен дрон се урна во Црно Море на 14 март. Американската, која тврди дека уривањето на дронот е последица на неодговорно и небезбедно маневрирање на руските воени авиони кои намерно го оштетиле и пропелерот на дронот и руската, која се заснова на тврдењето дека дронот паднал поради „опасно маневрирање“ и дека не бил соборен од руските авиони. Наспроти ова британски експерт тврди дека уривањето „речиси сигурно се случило поради несреќа“

 

 

Инцидентот со американскиот воен дрон кој во вторникот се урна во Црно Море ги подигна тензиите помеѓу САД и Русија во момент додека во Украина се водат жестоки борби на источниот фронт, но генерално, зад целата приказна останаа да лебдат две спротивставени  верзии – американската и руската.

САД во вторникот вечерта објавија дека леталото на нивните воздухопловни сили, кое се наоѓало во меѓународен простор, било пресретнато од два авиона ловци на руското воздухопловство СУ-27 и по серија опасни маневри било погодено и срушено.

Дојче Веле го цитира во својот извештај американскиот воздухопловен генерал Џејмс Хикер, кој е одговорен за американските воздухопловни сили во регионот на инцидентот.

Нашиот воздухоплов MQ-9 изведуваше рутинска операција во меѓународен воздухопловен простор кога беше пресретнат и погоден од руски воздухоплов, што резултираше со уривање и целосна загуба на MQ 9 – изјави генерал Хикер.

Пентагон според извештаи на меѓународните и домашните медиуми соопшти дека во основа инцидентот се должи на неодговорно дејствување на руските пилоти:

Ние сè уште проценуваме што точно се случило, но сметам врз основа на акцијата на руските пилоти јасно e дека станува збор за непрофесионалност и небезбедност. Она што го видовме е дека борбените ловци фрлаа (испуштаа-н.з.) гориво пред дронот и се движеа толку блиску што всушност предизвикаа штета врз пропелерот на MQ-9. Проценивме дека и руските авиони претрпеа штета, но исто така знаеме дека руските авиони потоа слетаа, нема да кажам каде, но ќе повторам тоа беше демонстрација на небезбедно и непрофесионално однесување на тие пилоти – изјави прес-секретарот на Пентагон  бригадниот генерал Пет Рајдер.

Според американските власти целиот инцидент траел помеѓу 30 и 40 минути, по што откако виделе дека дронот е оштетен тие го уништиле.

 

Позицијата на Русија – нашите авиони не го соборија дронот

Ал Џезира во својот последен извештај од 15 март ја цитира и пренесува руската позиција која генерално се држи до тоа дека авионите на нивното воздухопловство не го срушиле американскиот дрон.

Според извештајот, руското Министерство за одбрана тврди дека двата авиона – ловци не употребиле ништо од нивните оружја против американскиот дрон и не дошле во физички контакт со леталото. Дронот се урнал поради технички проблеми.

Борбените авиони се обидоа да го идентификуваат натрапникот. Како резултат на остро маневрирање MQ – 9 навлезе во неконтролиран лет со губење на неговата висина и се удри од површината на моретоја пренесува Ал Џезира пораката што преку Руската амбасада во Вашингтон ја упати Министерството за одбрана на Руската Федерација.

Претходно, руските власти соопштија дека дронот летал во близина на руската граница и навлегол во подрачје кое е забрането за летање без дозвола.

Рускиот амбасадор во Вашингтон кој беше повикан во Стејт Департментот за да му се упати протест, според Би-Би-Си, ја отфрла во целост вината на Русија. Во изјава дадена по средбата амбасадорот Анатолиј Антонов наведува дека Москва гледа врз инцидентот „како на провокација“ и дека станува збор за  „неприфатливото однесување на американската војска во близина на нашите граници (што) е причина за загриженост“.

 

„Речиси сигурно е несреќа“

Наспроти овие две тврдења кои се спротивставени и доминантни низ светските извештаи, Би-Би-Си цитира експерт според кого може да станува збор за несреќа.

Мајкл Кларк, визитинг професор на Воените студии на Кралскиот Колеџ изјави за Би-Би-Си дека уривањето на дронот „речиси сигурно е несреќа“.

Не верувам дека ниту еден пилот може да го направи тоа намерно (да удри во пропелер на друго летало), без сериозно да го загрози сопствениот живот и сопственото летало, изјавил Кларк за Би-Би-Си.

Професорот Кларк, нагласува британскиот јавен сервис, е и поранешен генерален директор на Институтот Ројал Јунајтед Сервис, која е тинк-тенк организација што се занимава со безбедност и одбрана.

Некои светски медиуми пренесоа дека станува збор за прво уривање на воено летало на некоја од двете супер сили после Студената војна. Уништениот дрон MQ-9, иако може да носи и оружје, главно се користи за извидувачки цели, бидејќи може да лета многу долго време на височина од над 15 илјади метри. Според општо познати податоци првиот лет го имал во 2001 година, а е воведен во американската армија во 2007 година.

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.