Издадена наредба за апсење на Путин

0
39

Судскиот совет на Меѓународниот кривичен суд издаде наредба за апсење на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, комесар за правата на децата во Канцеларијата на претседателот на Руската Федерација, објави Судот

 

Налогот за апсење на Путин е издаден поради неговата одговорност за воено злосторство илегална депортација на деца и незаконско преселување на деца од окупираните територии на Украина во Русија.

Руската комесарка за правата на децата, Лвова-Белова, се товари за воено злосторство илегална депортација на деца и незаконско преселување на деца од окупираните територии на Украина до Руската Федерација.

Се работи за 16.221 украински деца, кои биле насилно однесени во Русија. Истражната комисија на ОН за Украина вчера објави дека има докази за нелегално префрлање на стотици украински деца во Русија. Извештајот на Комисијата е категоричен дека Русија извршила и други воени злосторства во Украина, како напади врз болници, тортура, силување и намерно убиство.

Видео изјава на претседателот на МКС, судијата Пјотр Хофмањски.

Оние кои чувствуваат дека можат да направат злосторство дење, а ноќе убаво да спијат, можеби треба да погледнат во историјатаизјави за Би-Би-Си Карим Ахмад Кан, обвинител на МКС.

Кан додава дека никој не мислел оти Слободан Милошевиќ, кому му се судеше за воени злосторства во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Косово, ќе заврши во Хаг.

Украина ја поздрави одлуката, нарекувајќи ја „историски ден“ и „само почеток“. Украинскиот министер за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулебатвитна на англиски:

Тркалата на правдата се вртат: ја поздравувам одлуката на МКС за издавање налози за апсење на Владимир Путин и Марија Лвова-Белова поради присилното префрлање на украинските деца, напиша Кулеба.

„Тоалетна хартија“ вака ги опиша потерниците поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.

По објавувањето на веста, следеа експресни реакции од Русија. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија ги смета одлуките на судот „ништовни и неважечки“, како и дека прашањата што ги поставува судот се „срамота и неприфатливи“.

На прашањето дали Путин сега се плаши од патување во земји кои ја признаваат јурисдикцијата на МКС, Песков рече дека „нема што да додаде на таа тема“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави денеска дека одлуките на Меѓународниот кривичен суд немаат влијание врз Русија и дека секоја нивна потерница е ништовна.

Одлуките на Меѓународниот кривичен суд немаат никакви последици за нашата земја, ниту од правен аспект, изјави Захарова на Телеграм.

Таа додаде дека Русија не е членка на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и нема никаква обврска кон тој суд и „сите потенцијални барања за апсење од страна на меѓународниот суд се ништовни“.

Русија е една од земјите, која не го признава Меѓународниот кривичен суд. МКС не може да го уапси Владимир Путин, туку тоа зависи од 123 земји кои потпишаа договор со судот наречен „Римски статут“. Тоа значи дека Путин нема да биде уапсен или екстрадиран на руска територија, но доколку отпатува во некоја од земјите што го признава Судот, би можел да биде уапсен.

МКС е основан со цел да изведе пред лицето на правдата одговорните за најлошите злосторства, како што се геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Судот има глобална надлежност и е последна инстанца, кој интервенира само кога националните власти не можат или немаат намера да гонат.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.