Не е точно дека Канада и ЕУ ја планирале војната во Украина

0
34

Тоа што Канада обучува украински војници од 2015 година, значи план за војна, како што невистинито се тврди во постот. Војната во Украина ја почна Русија, а операцијата УНИФЕР е тренинг од канадските воени сили и мисија за зајакнување на капацитетите на вооружените сили на Украина, којшто ќе ѝ помогне да го одбрани својот суверенитет. УНИФЕР е основана како одговор на барањата на владата на Украина во 2014 година, по украинската револуција во 2014 година, руската анексија на Крим и разгорувањето на сепаратистичките движења во регионите Доњецк и Луганск

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видео и се вели:

Што?! Урсула фон дер Лајен само што му кажа на Трудо дека Канада обучува украински војници од 2015 година?!??????
Ова покажува како тие ја планираа оваа војна откако ЦИА организираше државен удар во Украина во 2014 година. Нејзината втора грешка со над 100.000 мртви Украинци.

Фон дер Лајен во видеоматеријалот изјавува:

Двете држави ја засилуваме поддршката за Украина, вклучително и нашата воена поддршка, затоа што Украинците ги имаат потребните дух и цврстина, но она што им е потребно е оружје. ЕУ веќе достави 12 милијарди евра вредна воена опрема, а ќе продолжиме со тренирање на украински војници, како што веќе правите вие од 2015 година. Нашата цел е да тренираме 30 илјади трупи до крајот на годината.

Тоа што Канада обучува украински војници од 2015 година не значи дека Канада или ЕУ „ја планирале војната“ којашто Русија ја води во Украина и ја почна на 24 февруари 2022 година.

Операцијата УНИФЕР е тренинг од канадските воени сили и мисија за зајакнување на капацитетите во поддршка на вооружените сили на Украина.

Оваа операција отпочна во 2015 година на барање на украинската влада и во 2022 година беше проширена да трае до март 2025 година, пишува на официјалната страница на владата на Канада.

Уште од почетокот на УНИФЕР, вооружените сили на Канада тренираа повеќе од 35 илјади украински војници и безбедносен персонал во тактика и напредни воени вештини.

Аспекти на мисијата биле привремено во мирување после инвазијата на Русија врз Украина во февруари 2022 година, со заложби да се продолжи со тренингот кога ќе дозволат условите.

Оттогаш, продолжи тренирањето на украински регрути е на пауза. Канада учествува во напорите на Велика Британија да тренира регрути за вооружените сили на Украина, како и украински инженери и членови на тимовите во Полска. Канада останува посветена на тоа да продолжи да ѝ обезбедува на Украина воена опрема и тренинг којшто ѝ е потребен за да го одбрани својот суверенитет, слобода и независност, пишува на официјалната страница на владата на Канада.

Според податоците објавени од канадската влада, приближно 370 членови на канадските вооружени сили учествуваат во операцијата УНИФЕР. Од август 2022 година, приближно 170 припадници на канадските вооружени сили се испратени во Велика Британија за да помогнат во тренингот на украински регрути. Од октомври 2022 година Канада  испрати приближно 40 инженери во Полска за да асистираат во тренингот на украински членови. Друг персонал е стациониран во Европа во соработка со сојузниците и работат на различни теми вклучително и воена помош, идни донации, координација на тренинг потребите на украинските сили.

Во Велика Британија канадските вооруженни сили работат со сојузниците тренирајќи украински регрути во војнички вештини, управување со оружје, прва помош, тактика и Законот на вооружен конфликт. Во Полска канадските вооружени сили ќе овозможат тренинг за основни и напредни вештини за инженеринг, употреба на експлозиви, деминирање и вештини поврзани со употребата на Леопард 2, пишува на официјалната страница на владата на Канада.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистинито тврдењето во постот дека тоа што Канада обучува украински војници од 2015 година, значи план за војна. Војната ја почна Русија, а тренингот од вооружените сили на Канада и помошта во воена опрема има за цел да ѝ помогне на Украина да го одбрани својот суверенитет.

Операцијата УНИФЕР е основана како одговор на барањата на владата на Украина во 2014 година, по украинската револуција во 2014 година, руската анексија на Крим и разгорувањето на сепаратистичките движења во регионите Доњецк и Луганск. До 2022 година мисијата се одвиваше во Украина преку мултинационална комисија која ги вклучуваше Канада, Данска, Литванија, Полска, Словачка, Шведска, Украина, Велика Британија и САД.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.