Поскапува вадењето нови лични карти, пасоши и возачки дозволи

0
31

Изработката, односно замена на личните документи од страна на граѓаните ќе поскапи, откако Владата го одобрила решението на Министерството за внатрешни работи што во наредниот период треба да стапи во сила откако ќе се објави во Службен весник, дознава „Фактор“.

„Обрасците во моментов се издаваат по цените кои важеа и до сега. МВР постапувајќи по заклучок донесен од Влада, спроведува постапка за изменување на решението за цените на обрасци. Со решението се вршат измени на цените, а ќе се применуваат кога решението ќе се објави во Службен весник и ќе влезе во сила. Имено, цената на пасош за лице до 27 години ќе остане непроменета и натаму ќе изнесува 1500 денари, но пасошот за лице над 27 години ќе изнесува 2000 денари, што е зголемување за 500 денари. Цената на личната карта ќе изнесува 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Цената на возачката дозвола ќе изнесува 410 денари, што е зголемување за 130 денари“, ни одговорија од МВР.

Многу повеќе ќе треба да се плати за обрасците за личните документи по итна постапка, кои и онака се неколкукратно поскапи.

„Ќе има промени на цените и на обрасците за итна постапка: Цената на пасош по итна постапка ќе изнесува 6100 денари, што е зголемување за 1600 денари. Цената на возачка дозвола по итна постапка ќе изнесува 1230 денари, што е зголемување за 390 денари“, дополнуваат од МВР.

Како причина за поскапувањето на оваа јавна услуга за граѓаните се наведуваат зголемените трошоци во изминатиот период.

„Промената на цените се прави поради зголемените набавни цени на увезени обрасци, зголемени трошоци за одржување на системот кој се врши од страна на странски економски оператор, како и набавка на нови машини поради укажана потреба од замена на веќе дотраени машини за персонализација итн“, стои во одговорот што го добивме од таму.