Русија со (дез)информација околу убиениот војник кој пред да биде стрелан извикува „Слава на Украина“

0
24

Убиството на војникот во украинска униформа, што го обиколи целиот свет преку социјалните мрежи и масовните медиуми само благодарејќи на тоа што не се гледаат егзекуторите, Амбасадата на Русија во РСМ се обидува да ја претстави како исфабрикувана егзекуција на руски војник, но не наведува никакви детали. За разлика од тоа Украина веќе му оддава слава на Тимофеј Шадура

 

 

Руската амбасада во Скопје, веројатно постапувајќи по налог од Москва, на 06.03.2023 година издаде соопштение кое фрла сомнеж околу потеклото на војникот што беше застрелан на фронтовите во Украина и кој пред да биде егзекутиран извика „Слава на Украина“. Во соопштението се наведува:

На Интернет се појави видео на кое е стрелан војник во воена униформа на ВСУ. Има причини да се верува дека е стрелан руски војник, кој беше облечен во украинска униформа со цел да се дезинформира меѓународната јавност, а Русија да биде обвинета за наводни воени злосторства.

Соопштението се појави на социјалните мрежи што ги ползува Амбасадата на РФ во РСМ, а ние го пренесуваме она од Твитер профилот на амбасадата

Ваквото тврдење е информација со сомнително потекло на фактите поради што сегашната оценка е „недоследно“, односно дека можеби е дезинформација.

 

Образложение:

Според соопштението на Руската амбасада, застреланиот војник во украинска униформа можеби не е Украинец, туку Русин кој бил облечен во украинска униформа. Целта била да се дезинформира светската јавност и Русија да биде обвинета за воени злосторства, бидејќи наспроти меѓународните правила за постапување при војување утврдени во конвенции усвоени и од Русија, нејзини припадници егзекутирале воен заробеник.

Но, има едно големо НО, затоа што при ваквото соопштение на Амбасадата не се наведуваат други детали. Образложението се сведува само на: „Има причини да се верува дека е стрелан руски војник…“, без да се наведе ниту една од причините.

За официјалните украински власти не само што нема сомневање, туку тие веќе го наведоа и името на стреланиот и на која единица припаѓа. Според Укринформ од 7 март, ден по појавата на видеото на социјалните мрежи што го пренесоа и светските медиуми, војникот се викал Тимофиј Шадура (Tymofiy Mykolayovych Shadura). Медиумот се повикува на соопштение на Командата на копнените сили на Украинската Армија во кое се наведува:

Според прелиминарните податоци, починатиот е Тимофиј Миколајович Шадура, војник од 30-та Самостојна механизирана бригада.

Фотографија од војникот на Украинската Армија

Укринформ додава дека „војникот се смета за исчезнат од 3 февруари по непријателствата во регионот на Бахмут“, дека егзекуцијата се случила „на територија која во моментот е под руска окупација“ и дека „финалната потврда на идентитетот ќе биде направена откако телото ќе биде вратено и соодветните претраги ќе бидат извршени“.

Овие вести истиот ден ги пренесоа и светски медиуми, како што се Би-Би-Си и Ројтерс, со опис на тоа што се гледа на снимката (војникот кратко пуши цигара, извикува „Слава на Украина“, а потоа се слуша глас од еден од егзекуторите кои извикуваат „Умри“, по што се слуша рафална стрелба и моментот на егзекуција на војникот – н.з.). Би-Би-Си детално известува за настанот, наведувајќи дека не може да потврди каде е снимена егзекуцијата и ги додава деталите дека украинскиот претседател Володимир Зеленски наведува дека „убијците ќе бидат откриени“, паралелно со веста дека главниот обвинител на Украина Андрииј Костин објавил дека е отворена истрага за убиството.

Мал сомнеж околу идентитетот, како што наведува Би-Би-Си, се појавил откако „еден добро познат украински новинар го нарекол убиениот со друго име“. По ова Би-Би-Си зел изјава од сестрата на Тимофеј, Олја, која претходно изјави дека го препознала својот брат. Во изјавата Олја потврдува дека таа „го препознава својот брат“, но доколку сепак, не е тој, им изразува сочувство на семејството на загинатиот и во тој случај, повикува „може ли некој да ми помогне да го најдам брат ми“.

Но, секако, овој мал сомнеж околу идентитетот на загинатиот, сепак не укажува со ниту еден елемент дека целата снимка е исфабрикувана (како што тврдат про Кремљ теоретичарите на Телеграм) и дека е убиен „руски војник облечен во украинска униформа“, како што тврди официјална Москва преку својата амбасада во Северна Македонија. Дотолку повеќе што не се наведуваат никакви детали, освен веќе цитираната фраза „има причини да се верува…“

Поради ова и сите досега познати детали, во најмала рака оваа информација на руската амбасада може да се оцени како „недоследна“,  па и сомнителна информација. Дотолку повеќе што повеќе незаконски егзекуции се веќе утврдени, почнувајќи од оние во Буча, од почетокот на војната на во Украина на 24.02.2022 година.

 

Извори:

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.