Убијците на Кривањева бегале со Ауди А6, го запалиле автомобилот за бегство во Шутка

0
22

Полициски извори за Телма потврдија дека е најдено возилото за бегство на убијците од Шиша бар во Шутка.

Станува збор за автомобил Ауди А6 кој бил запален на улица Вашингтонска во Шутка.

Убијците по вакво “чистење” на доказите избегале ао друг автомобил. Од улицата каде е најден автомобилот за бегство, напаѓачите на Кривањева можеле да стигнат брзо до скопската обиколница или до Визбегово и патот кон Блаце односно се на половина час возење до Косово.

Од МВР засега не соопштуваат детали за потерата и за осомничените освен дека станува збор за повеќе лица кои пукале кон убиените.

Полициски извори за Телма пак тврдат дека напаѓачите влегле во Шиша бар во Старата скопска чаршија и биле облечени во црна облека налик на униформа по што повикале дека станува збор за полициска рација.

Кога ги нашле “таргетите” почнале да пукаат во нив и избегале. На лице место се убиени Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени. Засега нема информации дали напаѓачите носеле и полициски симболи на облеката.

По нападот, групата убијци избегала со Ауди А6 кое е најдено запалено во Шуто Оризари. Регистрациите на запалениот автомобил биле украдени од друго возило.

Во изгореното ауди се најдени остатоци од два мобилни телефони, тврдат за Телма полициски извори.

Според информации на Телма двајцата убиени во нападот во бар во Старата скопска Чаршија се Јетон Кривањева и Енес Исени. Двајцата им подлегнале на повредите на местото на злосторството.

Кривањева според повеќе медиуми на албански јазик од Македонија беше дел и од групата која беше цел на вооружен напад во скопскиот хотел Александар Палас во 2019-та година.

Тогаш маскирани напаѓачи стрелаа кон групата во која беа и Камер Идризи и Јетон Кривањева. Поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите кои се од скопско Грчец. Полицискиот службеник пукал во напаѓачите во самоодбрана, а немаше сериозно повредени.

Во 2021-ва во Бутел беше убиен Камер Идризи додека се движел со автомобил, а во него било пукано од друго возило во движење. Тоа убиство не е расветлено.