Заврши доказната постапка за пожарот во модуларната болница во Тетово, на 25 април завршни зборови

0
19

Во тетовскиот суд во врска со случајот за пожарот во модуларната болница денес беа испрашани последните тројца сведоци, предложени од одбраната на обвинетите. Кривичните дела за кои се товарат, се однесуваат на тоа дека во објектот немало противпожарен апарат и дека во болницата биле присутни лица кои не биле пациенти. На следното рочиште ќе бидат дадени завршни зборови, по што ќе следи и пресуда.

Со сведочењето на тројца вработени во тетовската болница, денес заврши доказната постапка за случајот кој се води во Основниот суд во Тетово, за пожарот во модуларната болница во кој загинаа 14 лица.

Лице за обезбедување, лице за одржување на објекти и докторка одговарија дека забележале противпожарен апарат, на вратата имало натпис „забранет влез за невработени“, а докторката рече дека медицинскиот персонал кој бил на работа бил одговорен за смената.

Тоа се всушност прашања кои се однесуваат на кривичните дела за кои се товарат обвинетите, односно поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми, за „тешки дела против општата сигурност“, докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, како и правното лице Клиничка болница, за истите дела.

И денес пред Судот се оддржа мирен протес за поддршка на д-р Вучевски, на кој присуствуваа и негови колеги.

На следното рочиште, закажано за 25-ти месецов, ќе бидат дадени завршни зборови, по што ќе следи изрекување на пресудата.