21-ГОДИШНИК ОСОМНИЧЕН ЗА ПРОТЕКУВАЊЕТО НА СТОТИЦИ ДОВЕРЛИВИ ДОКУМЕНТИ НА ПЕНТАГОН

0
25

Американските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори од истрагата, односно официјални претставници на американските власти, го објавуваат и идентитетот на осомничениот, наведувајќи дека станува збор за 21-годишниот Џек Тешеира, водач на онлајн-група на вљубеници во оружје и видео-игри каде првично биле објавени доверливите документи. Официјална потврда на пишувањата на медиумите засега нема од американските власти иако се тврди дека осомничниот треба да биде уапсен денеска

Припадник на Националната воздухопловна гарда на Масачусетс е осомничен за протекувањето на високо доверливите документи на Пентагон, јавува новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на извор упатен во истрагата.

Според информациите на агенцијата, се очекува тој денеска да биде уапсен во Масачусетс од страна на надлежните служби.

Изворот, кој зборувал под услов да остане анонимен, не сакал да соопшти повеќе детали.

Новинската агенција Асошиејтед прес, цитирајќи два извори запознаени со ситуацијата, наведува дека станува збор за 21-годишник кој треба да биде приведен од Федерланото истражно биро (ФБИ) на сослушување, пренесува Гардијан.

Од ФБИ засега не одговориле на барањата за коментар во врска со наводите поврзани со истрагата.

Претходно, „Њујорк тајмс“ објави дека станува збор за водач на онлајн група на која биле објавени тајните документи и исто така наведува дека станува збор за 21-годишен припадник на Националната воздухопловна гарда на Масачусетс.

Во извештајот на Ројтерс се наведува и име – Џек Тешеира, кое се поврзува со осомничениот. Ова име, како што претходно објави „Њујорк тајмс“ соодветствува со името на предводникот на онлајн-групата на која изминатите месеци се појавиле доверливите документи. Според информациите станува збор за онлајн-групата Таг Шејкер Централ (Thug Shaker Central) која брои околу 20 до 30 луѓе кои споделуваат интерес кон оружје, расистички содржини и видео-игри.

Идентитетот на осомничниот за Си-би-ес њуз го потврдиле неименувани преставници на американските власти, пренесува Би-би-си.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно денеска во Даблин изјави дека во тек е сеопфатна истрага на разузнавачката заедница и министерството за правда на САД во врска со протекувањето на доверливи документи на Пентагон и дека властите се приближуваат до одговори.