Куп дезинформации за Украина во видео кое промовира мноштво проруски наративи

0
41

Контроверзната позната новинарка Лара Логан во гостување на утринска програма на американска телевизија изнесе еден куп невтемелени тврдења за војната во Украина и за руската агресија, кои речиси целосно се совпаѓаат со руските дезинформациски наративи за Украина и за Западот

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Има повеќе новинари кои ја кажуваат вистината. Феноменалната Лара Логан во емисија во живо. Бомбастично интервју со превод. Проверете!

На видеоснимката се гледа гостување во телевизиска програма на контраверзната новинарка Лара Логан во утринска програма, во која што таа изнесува повеќе невтемелени тврдења кои одат во корист на наративот на оправданост на руската инвазија врз Украина. Запрашана да ги коментира загубите на руската војска во Украина за кои објавиле „Дејли Мејл“, Логан вели дека воопшто не верува во таа приказна и смета дека Владимир Путин многу добро знае што прави. Логан продолжува со тоа дека руската војска не заостанува и од почетокот на војната работи стратешки, така што прво „оди на лабораториите за биолошко оружје“.

Владимир Путин точно знаеше што прави кога тргна на Украина. Русија не се мачи. Она што Русија го прави од самиот почеток е многу стратешко. Не отидоа прво на Киев, туку на сите лаборатории за биолошко оружје кои се расфрлани во целата земја.

Логан тврди дека некои од лабораториите се за биолошко оружје и дека ги изградиле Русите во времето на Советскиот сојуз, па затоа знаеле каде се наоѓаат, а за некои наведува дека после падот на Советскиот Сојуз се претворени во лаборатории за јавно здравје. Иако не е најдобро артикулирано, се зборува дека во процесот на пренамена на лабораториите учествувале САД и тоа во рамките на програмата на Американската агенција за намалување на опасностите во областа на одбраната (Defense Threat Reduction Agency).

Некои од нив изградија тие самите, така што знаат каде се. Знаат каде се наоѓаат уште од времето на Советскиот Сојуз. А, ние, во рамките на програмата за намалување на опасностите во областа на одбраната, сме влегле после падот на Советскиот Сојуз и наводно тие објекти сме ги претвориле од лаборатории за биолошко оружје во лаборатории за јавно здравје, вели таа во своето излагање.

Приказните за „лаборатории за развој на биолошко оружје во Украина“ се дел од рускиот пропаганден наратив

Руската страна ја промовира тезата дека овие лаборатории се закана, а дека зад нив наводно стои САД. Приказните за „американски лаборатории за биолошко оружје“ се објавуваат на интернет уште од 2015 година, а во контекст на војната во Украина беа ревитализирани. Но, не постојат докази дека САД финансира развој на биолошко оружје во Украина. Како што пишува Би Би Си, во Украина постојат неколку лаборатории за јавно здравје кои работат на истражување и отстранување на опасности од опасни болести.

Некои од овие лаборатории добивале финансиска поддршка од САД, ЕУ и СЗО како што било случај и со други земји. Во деведесеттите години САД почнаа програма за намалување на биолошката опасност (Biological threat reduction program), со намера да се намали ризикот од биолошко оружје во останатите земји после распадот на Советскиот Сојуз, вклучително и во Украина.

Во рамките на таа програма одредени лаборатории во Украина добиваа поддршка од САД за модернизација и опрема, но со нив не управува САД. Роберт Поуп, директорот на кооперативната програма за отстранување на опасност (Cooperative threat reduction program), изјави дека со овие лаборатории управува самата Украина.

 

Договорот меѓу Вашингтон и Киев е за да се намали опасноста од биолошко оружје

Американското Министерство за одбрана работи во партнерство со украинското министерство за здравство од 2005 година на унапредување на лабораториите за јавно здравје во таа земја. САД пружа техничка поддршка и соработува на сузбивање на опасноста од избивање на намерни случајни или природни светски заразни болести, но не постојат докази дкеа работат на производство на биолошко оружје како што тврди руската страна, а пренесува Лара Логан. Американското министерство за одбрана во јануари соопшти дека програмата има за цел токму спротивно – да ја намали опасноста од биолошкото оружје.

 

Баталјонот Азов повторно користен како доказ за нацизмот во Украина

Потоа, новинарката Логан се осврнува на баталјонот Азов, контроверзна воена формација во Украина, за која вели дека е финансирана од НАТО и САД, а темата и служи да ја отвори приказната за нацизмот во Украина. Вели дека западна Украина ги поддржувала нацистите во Втората Светска Војна и тоа било седиште на нацистичките СС одреди и дека ЦИА им давала имунитет на нацистите од Украина да не бидат судени во Нинберг. Освен тоа, новинарката вели дека САД и нејзината разузнавачка агенција имаат долга историја на финансирање и наоружување на нацистите во Украина.

Присуството на нацистичката идеологија во Украина е прикажано низ примерот на баталјонот Азов, кој е причина за одржување референдум за независност на Крим и негово припојување кон Русија, заклучува Логан.

Лара Логан во своето излагање кажува дека „спасот од украинскиот нацизам“ е клучната причина за референдумот за независност на Крим кој се оджа во 2014 година и дека отцепувањето и припојувањето кон Русија во таа смисла било оправдано, а доказ бил Азов со своите злосторства во Донбас. Баталјонот Азов како воена единица е основан во мај 2014 година. Како што наведува Ал Џезеира, се работи за екстремна десничарска волонтаристичка воена единица, чии членови се ултранационалисти кои се обвинувани за идеологијата блиска на супремација на белата раса.

Единицата е создадена како доброволна група предводена од Андрија Билетски, а сочинета е ултранационалистичка група „Патриоти на Украина“ и неонацистичка група. Како што пишува Ал Џезеира и двете групи имаат неонацистички и ксенофобични идеали и физички напаѓале мигранти, Роми и дгуги луѓе. Како баталјон групата се борела против проруските сепаратисти во Доњецк во источна Украина, еден од двата главни региона што Путин им ја призна независноста.

Но, нацистичките групи кои постојат во модерна Украина, како и во други европски земји, немаат влијание врз парламентот, не се во владата и не е јасно како би можеле да бидат оправдување за инвазијата на Русија врз Украина. Во извештајот за манипулација со странски информации и закани од мешање од страна, Европската служба за надворешни работи пишува дека еден од најчесто употребуваните наративи е дека „Украина е наци и терористичка држава“ и дека подржува такви групи.

Вистиномер претходно пишуваше за теоријата на заговор која се шири од приврзаници на Кју Анон, дека „војната во Украина е чистење сатанисти“.

 

Зеленски како марионета избрана од ЦИА

Во своето излагање Логан го опишува претседателот на Украина Володимир Зеленски како марионета која игра во потпетици, со што го претставува како несериозна личност бидејќи пред да стане претседател бил дел од забавната индустрија. Логан изнесува невтемелено во фактите тврдење дека револуцијата во 2013 и 2014 година била финансирана од ЦИА и дека Володимир Зеленски е „наместен“ а не избран на демократски избори.

Затоа морате навистина да се запрашате, кога знаете дека ЦИА ја спонзорираше „обоената револуција“ во Украина во 2013 и 2014 година, дека тие ги одбраа и украинските лидери. И Зеленски е наместен како многу наши лидери и искрено, со технологија и изборните измами ширум светот не можеме да знаеме колку од лидерите се навистина избрани на избори а колкумина се наместени, вели Логан.

На крајот, таа ги промовира тезите за теоријата на заговор за длабоката држава во САД и глобалистите кои го преземаат светот, а за што Путин предупредувал изминатите 15 години. Наведува дека Украина е во центарот на политичките афери со перење пари во САД и дека не треба да се преправаме дека ова е само војна меѓу Русија и Украина.

Дрска лага е дека во оваа војна се работи за Русија против Украина. Ако Путин веќе 15 години предупредува дека нема да стои настрана додека глобалистите го преземаат светот, градат објекти за биолошко оружје и што и веќе да прават преку украинските олигарси во Украина. Украина е центар за перење пари на многу лидери. Милијарди американски долари се испрани преку Украина и за тоа ништо не се зборува. Ова се нашите даноци што ги плаќаме. Овде има толку лицемерие и нечесност, а Украина е во центарот на сето тоа. И знаете што, длабоката држава не е теорија на заговор. Тоа е навистина длабока држава, вели Логан.

Но, не е точно дека ЦИА е спонзор на револуцијата т.е мајданските протести во 2014 година и Вистиномер веќе пишуваше за тоа.

Евромајдан – бранот демонстрации, граѓанска непослушност, бунтови и вооружени судири букнаа ноќта на 21 ноември 2013 година, кога украинските граѓани започнаа со протести во Киев. Претходниот ден, владата на Украина ги суспендираше подготовките за потпишување на Договорот за асоцијација и Договорот за слободна трговија со Европската Унија и тоа претставува причината за протестите. Протестите продолжија и покрај засиленото полициско присуство, а својата поддршка ја дадоа и студентите. На 30 ноември владините сили вршеа насилство врз демонстрантите, што предизвика протестите да се зголемат во обем и да достигнат над 1.5 милиони демонстранти.

Голем број светски медиуми и меѓународни институции и оргнаизации ги претставуваат настаните од Евромајдан како најголемиот проевропски бунт во историјата на Украина. На 30 март 2012 година ЕУ и Украина го потпишаа Договорот за асоцијација. Но, договорот не беше ратификуван, бидејќи Украина доби насоки да работи на влошената демократија и владеење на правото во државата.

На 21 ноември 2013 година декрет од украинската влада ги суспендира подготовките за потпишување на Договорот за асоцијација. Официјалната причина е дека „претходните месеци Украина доживела пад на индустриското производство“. Владата на Украина тврдеше дека ќе продолжи со подготвувањето на договорот кога падот на индустриската производство ќе бидат компензирани од европскиот пазар.

Претседателот Јанукович престојуваше на ЕУ самитот, кој се одржуваше на 28-29 ноември 2013 година во Вилнус, Литванија, каде требаше да биде потпишан Договорот за асоцијација и трговска размена, но договорот не беше потпишан. Фајненшл Тајмс напиша дека протестите во 2013 г. беа „спонтани, предизвикани од социјалните мрежи и ја фатија украинската опозиција неподготвена” за разлика од нивните противници.

 

ЕвроМајдан – модернистичка револуција на Украина

Според историчарот од Лавов, Јарослав Хрицак, ова претставуваше:

Револуција на генерацијата која може да се нарече модернистичка за украинската независност, револуција на млади луѓе кои се многу образовани, луѓе кои се активни на социјалните мрежи, кои се мобилни и 90 проценти имаат факултетска диплома, но немаат иднина.

Според него, младите Украинци имаат ист карактер како младите Италијанци, Чеси, Полјаци или Германци и драстично се разликуваат од Украинците кои се над 50-годишна возраст.

Оваа генерација има голема желба за европска интеграција и само неколку регионални поделби за разлика од постарите, смета тој.

Демонстрациите кои почнаа во Киев во ноември 2013 година беа резултат на незадоволството на Украинците кон поранешниот претседател Виктор Јанукович, односно неговата одлука во последен момент да ја смени насоката и после 7 години преговарања да не го потпише договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ. Како резултат на рускиот притисок тоа го запре напредокот на приближувањето на Украина кон ЕУ.

Јанукович заврши во бегство, по што преодна влада ги презема работите во свои раце. Тогаш војници без државни обележја го окупираа Крим и поставија знамиња на Русија. По референдумот, кој не е признаен од меѓународната заедница, Руската Федерација го анектираше Крим.

Тврдењето пак, дека Володимир Зеленски е поставен недемократски односно дека е одбран од моќници, како и неговото претставување како да е марионета, исто така е ширење дезинформации и претставува веќе добро промовирана пропагандистичка идеја, според која граѓаните на Украина не ја избираат демократски власта туку таа им е наметната, што се разбира не е точно, со оглед на тоа што изборите во Украина беа одржани и гласачите од Украина го избраа Володимир Зеленски за свој претседател.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.