Први резултати од изборите во Турција: Ердоган води пред Киличдароглу

0
19

Избирачките места за парламентарните и претседателските избори што се одржаа денес во Турција се затворени во 17 часот по локално време или во 16 часот по средноевропско време.

Граѓаните на Турција избираат дали нивниот нов претседател ќе биде актуелниот шеф на државата Реџеп Таип Ердоган, главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу (на кого предизборните анкети му даваат мала предност) или пак Синан Оган. Мухарем Инџе, кој исто така беше претседателски кандидат, се повлече од трката во четвртокот.

Излезноста на претседателските и парламентарните избори во Турција беше 85,6 отсто. Право на глас имаа повеќе од 64,1 милиони луѓе во Турција и во странство.

На парламентарните избори учествуваа вкупно 24 политички партии и 151 независен кандидат.

Доколку ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто од гласовите во првиот круг, вториот круг од изборите во кој ќе учествуваат двајцата кандидати со најголем број гласови ќе се одржи на 28 мај.

Турската државна телевизија ТРТ Хабер, извести дека се обработени 40 отсто од гласачките ливчиња и дека актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган е во водство. Според овие податоци, Ергодан има 52,85 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу 41,23 отсто, од вкупно обработените гласови.