Јазикот на глувите во институциите во Тетово заборавен, правата на оваа категорија граѓани само на хартија

0
27

Прекрасните декорации кои се гледаат на фотографиите каде преовладува цвеќето, се дело на брачниот пар Стојанчо и Валентина Стојановски.

Имаат цвеќара во центарот на Тетово, една од најпознатите и најснабдените во градот.

И двајцата се глувонеми, но локалот го водат неколку децении.

„Работата ни пружа можност да ги изразуваме нашите емоции, најчесто тоа го правиме преку цвеќето, кое го продаваме збогатено со некоја декорација, каде му додаваме уште повеќе емоција оти сепак цвеќето е симбол на емоцијата, вели Стојано Стојановски.

Но, емоции односно „емотивен говор“ користиме и ако сакаме да се разбереме со муштериите, а некои од нив кои ни се и постојани муштерии, ја знаат дури и „нашата“ гестовна азбука.

„Најчесто работиме со постојани муштерии, со дел од нив емотивно ќе се разбереме, некои веќе ги препознаваат основните гестовни букви, така и меѓусебе се разбираме, но дел од новите муштерии кои доаѓаат се откажуваат и заминуваат од локалот оти не секогаш можеме да се разбереме со нив“, вели Стојанчо.

Но, сепак сме задоволни од работата и од тоа како поголем дел од луѓето не прифаќаат такви какви што сме и трошат пари кај нас, додава тој.

Но, за разлика од луѓето кои немаат дискриминирачки однос кон нас, институциите во поглед на оваа прашање доста потфрлиле, вели Стојанчо. Во ниту една институција во Тетово нема човек кој го знае гестовниот говор. Не мора во секоја, но во поголемите каде и најмногу се обраќаме како што е локалната самоуправа, треба да има едно вработено лице кое ќе го знае нашиот јазик, додава тој.

„Потешко е што нема во институциите луѓе што го знаат гестовниот говор, односно преведувач. Треба да има, особено во општината, но и други институции. Сега јас се снаоѓам како знаам и умеам кога одам во институциите. Им пишувам на лист хартија и тие ми пишуваат, малку поспоро оди таа работа, но немам друг избор. Јас сум писмен, но има некои глуви лица кои не знаат да пишуваат кои се неписмени и за нив е многу тешко, затоа мора да има преведувач.Оти кога одиш во некоја институција ти немаш работа само со еден човек, туку со повеќе луѓе и одиш во повеќе сектори, и за документите кога треба да се вадат е тешко. Татко ми почина и морав да извадам документи и во тој процес имав мака голема, раскажува Стојанчо Стојановски.

Маре Михајловска е секретар на Здружението на глуви лица – Тетово. Со нејзина помош успеавме да разговараме со Стојанчо. Седиштетото на нејзината канцеларија е на булеварот Индустриска, но таа е се почесто на терен.

Во Здружението на глуви лица – Тетово членуваат над 120 луѓе. Речиси секојдневно тие се соочуваат со проблеми кога одат во институциите да завршат одредена работа оти таму нема човек кој го знае гестовниот јазик, па на помош ја викаат секретарката на здружението Михајловска.

Таа не може да биде присутна секаде и на секое место, каде има потреба да се зборува овој јазик.

Посочува дека глувите лица се дискриминирани по повеќе основи.

„И тие припаѓаат во категорија на лица со посебни потреби, факт е дека глувите луѓе се најлесна категорија на лица со посебни потреби, повеќе работи можат да ги направат самостојно, но тоа не значи дека овие лица треба да бидат маргинилизирани“, вели Михајловска.

„На пример зошто во пошта кога јас ќе одам да пратам некое писмо од некој мој член бараат поштарина, а на некоја друга категорија на лице со посебни потреби не им бараат. Има закон за инвалидизирани лица во кој спаѓаат и глувите лица, но тој закон како да не важи за глувите лица. Отидов да побарам  бесплатно паркирање за глувите лица во ЈП „Градски паркинг“, и таму ми велат за глувите нема бесплатен паркинг, зошто немаат право на ова?.Му дошла некој сметка голема на некој мој член, ми вели дојди со мене, во социјално имаат работа, ми велат дојди со мене. Но, сепак најголем проблем е што овие лица немаат преведувач на знаковен јазик. И сега јас одам со глувите лица секаде каде има потреба да им преведувам на гестовен јазик“, вели Маре Михајловска секретар на Здружението на глуви лица-Тетово.

Таа целиот работен век го поминала како вработена во Здружението на глуви лица-Тетово. Веќе е во пензија, но се уште е на своето работно место оти како што вели нема кој да ја замени. Во Тетово нема лице кое го знае гестовниот јазик , па и јас ако заминам кој ќе им помага на глувите лица, додава Михајловска.

Треба да има повеќе дефектолози кои го знаат гестовниот јазик, кои и во училиштата и во градинките значително би им помогнале на децата кои имаат проблеми со слухот.

„Сметам дека дел од дефектолозите треба да го знаат гестовниот говор, на факултет го учат, мислам има некои предмети по гестовен говор и тоа е се. Имав еден член се ожени со глувонема девојка, им се роди дете-глувонемо, но не им го запишуваа во градинка. Отидов во градинката и ми одговорија дека немале ваков случај досега.

„Тие мислеа дека е агресивно, а тоа беше мирно дете, само што не можеше да зборува. Им велам – „Ви кажал ли некој на вас за инклузија по воспитно-образовни институции“. Таму во градинката никој не го знае гестовниот говор, а треба да го знае. По мојата интервенција детето го примија и сега ми велат дека од детето се многу задоволни. Постојано зборуваат инклузија, ама за тоа треба да обезбедиш услови, односно да има во училиштата дефектолози кои го знаат гестовен говор, за да можат таму глувите деца да учат“, рече Маре Михајловска секретарка на Здружението на глуви лица-Тетово.

Таа додава дека оваа категорија граѓани треба да имаат и предност при вработување, но, во праска не е така.

Од Општина Тетово, велат дека е донесена одлука за формирање на Општински Совет за социјална заштита. Со планот според градските власти се опфатени сите ранливи категории на граѓани, поточно, слепи и глуви лица, деца со попреченоси во развојот, жени жртви на семејно насилтво, стари и немоќни лица и други.

„Во рок од 10-тина дена треба да заседава овој Совет, во кој има претставници номинирано од сите релевантни институции. На него треба да се разгледа нацрт-социјалниот  план на Општина Тетово, кој дополнително треба да се дообработува, односно дополнува. Овој социјален план, во скоро време ќе ни овозможи  да развиваме проекти и истите да ги импелементираме, во насока на подобрување на условите за живот на ранливите категории на лица, вели Милена Вучевска портпаролка на Општина Тетово.

Членовите на здружението чиј слух е оштетен над 80%, примаат додаток од 4500 денари, но до својата 65-та година, после тоа државата не им ја признава болеста оти истата се води како старечка глувост.

Стојанчо Стојановски, вели дека не се откажува од бизнисот со цвеќе. „И покрај проблемите со слухот ќе продолжам да работам додека ме држат нозете“, додава тој.

„Пречките со слухот не треба да бидат причина да се откажеме од било што, но за да бидеме еднакви и на исто рамниште со другите, неопходна ни е поддршка од институциите,“ заклучува Стојановски.

Зоран Димовски

Проектот е финансиран од Европската Унија.

„Програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и промотивна улога“ ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС)“

„Мислењата што се изразени во оваа сторија му припаѓаат на авторот на текстот и не ги одразуваат ставовите на МЦМС и Европската Унија.“