„Црвено-црно“ славје во Кавадарци, Вардар се врати во Првата лига!

0
68

Екипата на Вардар издвојува победа над Скопје од 3-0 во бараж мечот кој попладнево се одигра во Кавадарци, победа со која најтрофејниот македонски клуб се враќа во Првата лига.

Избраниците на Бобан Грнчаров доминираа на мечот против досегашниот прволигаш, му одржаа вистинска лекција и сосема заслужено се враќаат во домашната елита каде што и на Вардар му е местото. Големиот триумф на „црвено-црните“ беше најавен на самиот почеток кога Размоски во 3 минута ја затресе мрежата на Ефремов.

Вардар во првиот дел имаше уште неколку прилики, полуприлики кои не ги искористи, додека пак Скопје остана без играч помалку откако Миле Тодоров врати факел кон трибините каде што се наоѓаа навивачите на Вардар.

По паузата одново четата на Грнчаров беше поконкретна и по додавање на Десниќ на 2-0 зголеми Размоски. Во 60 минута се случи најубавиот момент кога Глишиќ погоди од слободен удар по додавањето на Николовски.

До крајот немаше промени, се играше мирно, па вардарците официјално го обезбедија прволигашкиот статус и тоа по една многу тешка сезона.