(Видео) Четири повредени лица од кои три тешко – експлозија во зграда во Токио

0
35

Експлозија одекна во зграда во центарот на Токио при што избувна пожар, а четири лица беа повредени. Противпожарната служба брзо го изгаснала пожарот. Од четворицата повредени, тројца се во тешка состојба, јавува државната телевизија НХК.

Засега официјално не е потврдена причината за експлозијата во областа Шинбаши, но очевидци на настанот велат дека пред експлозијата почувствувале мирис на гас.

„Штотуку пристигнав на работа кога слушнав многу силна експлозија. Го грабнав мобилниот телефон и искочив надвор“, изјавил Шинобу Накагава, 26-годишен вработен во ресторанот лоциран на првиот кат од зградата.

„Имаше парчиња мебел и отпад низ целата улица, а кога го подигнав погледот, видов огромна колона чад“, додаде тој.

Експлозијата се случила во област во близина на железничката станица која е полна со барови и ресторани.