Путин: Рускиот народ е пообединет од кога било

Рускиот претседател Владимир Путин им рече на азиските сојузници дека рускиот народ е пообединет од кога било досега, во неговото прво појавување на меѓународен форум по краткотрајниот бунт од минатиот месец на платеничката група Вагнер на Евгениј Пригожин.

„Рускиот народ е по консолидиран од кога било досега. Руските политички кругови и целото општество јасно го покажаа своето единство и високото чувство за одговорност за судбината на татковината кога обединето одговорија на обидот за вооружен бунт“, рече Путин на виртуелна средба на Шангајската организација за соработка, група која ги вклучува Кина и Индија.

Бунтот на Вагнер беше решен со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко. Путин им се заблагодари на армијата и безбедносните служби што спречија хаос и граѓанска војна. Во својот говор Путин рече и дека Русија ќе се спротивстави на западните санкции и „провокации“.

Тој исто така рече дека Москва планира да ги зајакне врските со Шангајската организација за соработка и ја поддржа транзицијата кон плаќањата во локална валута во надворешната трговија. Тој, исто така, предупреди дека потенцијалот за конфликти и ризикот од светска економска криза е во пораст.