Високи казни и нула толеранција за трговците кои не ја почитуваат владината одлука за замрзнати маржи и не поставиле ознака „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ – директорот на пазарниот инспекторат најави строги контроли низ цела држава. На терен се над 120 инспектори, а синоќа и лично излегол и увидел неправилности.
„Трговците на мало не си ја сфатиле сериозно одлуката и примената на одлуката. Казните се движат од 2 до 10 илјади евра и затоа секој оној кој не ја почитува денеска ќе биде казнет, а доколку има потреба во иднина и ќе ги затвориме дел од оние објекти кои не ја почитуваат одлуката“ – Горан Трајковски, директор на ДПИ
И бурекчилниците се опфатени со мерката, вели првиот човек на ДПИ. Денеска се контролираат големите маркети, а од утре инспекторите ќе тропнат на врата и кај помалите продажни објекти и бурекчилниците.
Трајковски нагласи дека граѓаните не треба да очекуваат поевтинување на сите продукти оти некои трговци кои и досега продавале со маржа помала од 10%, сега не мораат да ја намалат цената.
„Јогуртот, ако трговецот на мало одел со заработка од 5%, тој нема обврска да го намали. Негде може имале маржа од 3%. Е сега, имаме случаи каде што тие 3% за да се дополнат каде што намалиле од 30 на 10%, за да си ги дополнат нивните приходи, може да ги зголемат тие проценти до 10%“ – Горан Трајковски, директор на ДПИ
Од СДСМ тврдат дека ограничувањето на маржите нема никаков ефект и не се одрази на намалување на цените.
„Само еден вид на леб на пример е намален за 1 денар. Кај месото има симболично намалување од само 10 денари по килограм, што е незначително, додека млечните производи, млекото, јогуртот и киселото млеко се со исти цени. За дел од овие цени на производите кои што сега се намалуваат во изминатите неколку недели веќе биле поскапени. Закаснетата реакција на Владата и неефикасните мерки немаат никаков реален ефект“ – Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Бруто профитната маржа ќе биде ограничена до 10% на 73 производи до крајот на октомври. Според очекувањата, продуктите треба да поевтинат од 10 до 15%.
Извор Сител