Кривичен му го укина притворот за Богоев – прифатена е гаранција од 55 000 евра

0
21

„Определената гаранција се состои од готови средства во износ од 55 000 евра, во денарска противвредност во корист на Република Северна Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката“, соопштија денеска од Кривичниот суд

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја прифати жалбата на ексдиректорот на Царинската управа, Стефан Богоев, и му ја укина мерката притвор во замена за гаранција од 55 000 евра.

По предлог на Обвинителството, скопскиот кривичен суд минатата недела донесе решение за определување на 30-дневен притвор на Богоев, кое сега, по уважената жалба, се укинува.

„Определената гаранција се состои од готови средства во износ од 55 000 евра, во денарска противвредност во корист на Република Северна Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката“,

соопштија денеска од Кривичниот суд.
Оттаму додаваат дека на Богоев ќе му бидат определени мерки на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница. Доколку не се придржува до овие мерки, како што додаваат од Судот, може да му бидат определени и други построги мерки за обезбедување присуство.

Поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на скопската општина Карпош, Стефан Богоев, уште три лица се осомничени дека наместиле тендер во Царината вреден околу 300 000 евра, а Богоев се товари и дека примил парична награда од 1 800 евра.