„Ние цениме дека додека е на власт ДУИ не може да има слободни избори. Оваа Влада во последните циклуси докажа дека нема ниту капацитет, ниту пак подготвеност за слободни, фер и демократски избори. Не можеме да зборуваме за демократија кога целата држава е ставена во служба на владејачките партии, кога граѓаните се загрозени и уценувани, додека гласовите се купуваат и крадат“, се вели во кусото соопштение на Алијанса за Албанците.
На наше прашање до службата за односи на партијата дали соопштението е реакција на денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој конкретно побара организирање на брзи избори, од Алијанса за Албанците рекоа дека не е реакција, но и дека Мицкоски по соопштувањето на изборните резултати се изјасни дека во Собранието ќе се работи на формирање на ново парламентарно мнозинсто.
„Нашата стратегија е во Собранието да се формира ново парламентарно мнозинство и на тој начин уште еднаш да се делегитимира оваа власт на ДУИ и СДСМ“, одговорија од Алијанса за Албанците за МКД.мк
Од партијата велат дека е сѐ во ред во рамки на албанската опозиција и дека не се нарушени односите со Алтернатива.