Дебата: Експертите со поделени мислења за евроскептицизмот и евроентузијазмот во актуелната криза во Европа

0
95

Учесниците на јавната дискусија што се одржа денеска на Универзитетот во Тетово (ДУТ), „Справување со нелиберални и евроскептични наративи, оддолу“  организирана од Центарот за европски стратегии Евротинк од Скопје, со поделени мислења околу тоа дали поради актуелните политички случувања во Европа е зголемен евроскептицизмот или евроентузијазмот

Цело време очекуваме зголемување на евроскептицизмот, односно намалување евроентузијазмот. Меѓутоа, многу често анкетите покажуваат дека, сепак, грешиме во тие наши очекувања.  Сега со оваа криза и посебно со тоа како се поставува ЕУ колку е спремна да ги прифати сега новите апликации од Украина или Грузија би очекувал дека ќе се зголеми повторно скептицизмот, меѓутоа немаме податоци во моментот на кои може да се потпреме за да тврдиме. Може да има пораст на скептицизмот поради сите разочарувања, поради неконзистентноста на процесот кој се одвива и поради самата нестабилност моментално во Европа, изјави Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк.

Даниел Глајхгевихт од Колеџот за Источна Европа во Полска рече дека гледаме како историјата се забрзува и дека ова е тест за ЕУ. Според него, тоа се однесува и за украинската, грузиската и молдавската аспирација за ЕУ, а ќе има влијание и на Западен Балкан.

– Кога станува збор за евроскептицизмот, мислам дека ова допрва треба да се види, но знаејќи од претходната криза, мигрантската криза со бегалците во 2015 година, дефинитивно ќе има влијание на долг рок. Ова допрва треба да се види, очигледно сега фокусот е на друго место. Но, мислам дека целата дебата за проширувањето ќе има поинаков пристап, особено по договорот од Лисабон, нема некој голем потег и промена во политиките на проширување. Исто така, претходните проширувања се доведуваат во прашање и на запад за тоа, така што дефинитивно ова ќе го сврти целото прашање и тема за пристапувањето во ЕУ, изјави професорот од Полска.

Деканот на Правниот факултет при ДУТ, Ќебир Авзиу смета дека ќе преовладее евроентузијазмот.

–Посебен акцент беше ставен на тоа дали војната во Украина влијае во зајакнување на евроскептицизмот или ќе влијае кон забрзување на проширување на Европската унија, особено кон земјите од Западен Балкан. Ставот беше дека оваа војна која има тешки последици таму сепак ќе влијае позитивно и европските народи ќе бидат посвесни и побрзо ќе се заокружува процесот на проширување на ЕУ и кон Западен Балкан. Пред војната во Украина имаше голем евроскептицизам, сомнежите имаа идеи и идеологии кои беа против Европска унија, меѓутоа сега сметам дека тие се во опаѓање и дека процесот кон проширување и зајакнување на ЕУ е многу посилен отколку што беше порано, изјави Авзиу.

Покрај јавната дискусија, се одржи и работилница насловена Евроскептични наративи и контра-наративи. Дискусијата е дел од меѓународен проект кој го води Евротинк – Центар за европски стратегии во соработка со неколку партнерски организации од Италија, Полска и Словенија.

МИА