Пет години од потпишувањето на Договорот од Преспа

0
44

На 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји и се отвори патот за нови перспективи во билатералните односи, јави дописничката на МИА од Атина.

Договорот, кој многумина го сметаат за историски, но и модел за мирно решавање на споровите, го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила.

Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

На решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, но имаше и периоди кога беа во застој и прекин, но секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение, се до крајот на 2017 година кога се интензивираа разговорите по речиси тригодишен застој и беше постигнат Договорот.

Со решението, за нашата земја се отвори патот кон НАТО и ЕУ, а на југ доби земја- пријател, но и сојузник, како што често велат политичарите и од двете страни на границата, а билатералните односи се на завидно ниво, како од политички, така и од економски аспект.

Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО, а грчките воени авиони се одговорни за надгледување на македонскиот воздушен простор.

Во октомври 2021 година, претседателот Стево Пендаровски беше првиот шеф на државата кој ја посети Грција и со високи почести беше пречекан во Атина, додека пак помалку од една година по потпишувањето на Договорот, во април 2019 година, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас го посети Скопје и се одржа првиот Совет за соработка на високо ниво кој го сочинуваат претставници на двете влади, заеднички предводен од премиерите.

Премиерите на Северна Македонија, како претходниот, Зоран Заев, така и актуелниот Димитар Ковачевски неколку пати беа во Грција, на различни настани во земјата, а во изминатите четири години, додека Нова демократија беше на власт, се сретнуваа со до неодамнешниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис.

Извор: МИА