Израел открил голема подземна фабрика за оружје во Газа

0
96

Израелската армија соопшти дека открила „досега најголема фабрика за оружје“ на Хамас од почетокот на војната против исламистичката палестинска организација.

Дел од тунелските коридори во кои биле најдени складирани ракети и гранати во Буриџ, во центарот на Појасот Газа, биле на длабочина од 30 метри, соопшти израелската армија. Тунелот бил дел од тунелска мрежа која се простира низ целиот Појас Газа и го користат борците на Хамас.

Армиски претставници претходно на новинарите им презентираа бројни фабрики за оружје и тунели во палестинските области кои Хамас очигледно ги користел за воени вели. Објекти кои навидум се фабрики за цемент и други индустриски постројки всушност биле користени за производство на ракети и гранати, кои потоа биле складирани во длабоки шахти, објасни претставник на израелската армија при обиколката на објекти организирана за новинари.

Во една од бараките во Буриџ портпаролот на израелската армија Даниел Хагари во понеделникот покажал детонатори за ракети кои со нивниот голем досег од околу сто километри можат да погодат цели во јужниот и централниот дел од Израел. Фабриката, како што истакнал Хагари, е изградена на патот Салах-ал-Дин, важна поврзница меѓу јужниот и северниот дел, по која се одвива и транспортот на хуманитарна помош во Појасот Газа.

Во саботата, на својата вечерна прес конференција Хагари изјави дека „уништувањето на воената структура на Хамас во северниот дел е завршено“, војската сега ќе се концентрира на уништување на исламистичката радикална организација во центарот и јужниот дел од Појасот Газа. Кан Јунис во јужниот дел располага со „подземен град од широко разгранети тунели“, „бегалските логори во центарот на Појасот Газа се преполни и полни со терористи“, истакна Хагари.

Извор Dw.