Во Пошта вработени земаат плата, а не одат на работа, покажува физибилити студија

0
247

Лоша организација и менаџирање на Поштата низ целата територија на Северна Македонија, недостиг од дигитализација, мануелна работа и човечки грешки во финансиските извештаи, отсуство на единствен систем на работа и неодговорни работници кои не одат на работа. Овие скандалозни наоди се само дел од проблемите опишани во Физибилити студијата на Поштата на Северна Македонија спроведена во 2021 година, за која државата платила околу 800.000 евра, пишува Порталб.мк.

Поштата на Северна Македонија, која е во државна сопственост, со години работи со загуба. Поради тешкотиите, Владата во 2020 година година отвори расправа за нејзина приватизација и ангажираше компанија да спроведе физибилити студија за работата на институцијата. За оваа студија поранешниот секретар на Владата на Северна Македонија, Мухамед Зекири, беше обвинет и осуден на две години и шест месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, поради тоа што потпишал договор без да ја испочитува постапката за јавна набавка.

Што содржи физибилити студијата?

Порталб.мк врз основа на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер испрати барање за анализа на студијата што е на располагање на Владата и на Поштата. Од двете страни ни беше овозможен пристап до физибилити студијата, но не ни беше дозволено да добиеме копија од студијата бидејќи таа не беше во дигитализирана форма, а Поштата имаше само еден примерок од неа.

Физибилити студијата е документ кој ја анализира состојбата во оваа институција и е направена во периодот од мај до ноември 2021 година од страна на компанијата „Интерфајненс“ од Загреб и компанијата „Интерхолдинг“ од Северна Македонија. Беше спроведена во периодот кога директор на Поштата беше Јани Макрадули и се однесува на периодот од 2012 до 2020 година. Во овој период со Поштата раководеа Рафиз Алити, Гоце Боболиноски, Фадис Реџепи, Ејуп Рустеми и Јани Макрадули.