Израел објави кога ќе ја нападне границата со Египет

0
122

Израелскиот министер Бени Ганц му даде рок на палестинскиот Хамас до 10 март да ги ослободи сите израелски заложници, заканувајќи се со офанзива врз градот Рафах, каде што повеќе од милион Палестинци се засолниле од израелските напади. За првпат Тел Авив одреди датум кога би можел да испрати војска во палестински град на границата со Египет каде што се засолниле повеќе од милион палестински цивили, забележува Би-Би-Си.

„Светот мора да знае, лидерите на Хамас мора да знаат – ако до Рамазан нашите заложници не се вратат дома, борбите ќе продолжат насекаде, вклучително и во областа Рафах“, рече Ганц во неделата.

Оваа година Рамазан, светиот месец на постот во муслиманскиот свет, започнува на 10 март.

Израел „ќе ја координира и олесни евакуацијата на цивилите во дијалог со нашите американски и египетски партнери со цел да се минимизираат цивилните жртви“, додаде министерот.

Спомнувањето на Египет од страна на министерот може да ги поттикне шпекулациите дека Израел очекува некои Палестинци да се обидат да побараат засолниште на египетската страна од границата, каде што се чини дека властите поставуваат голема оградена област за таа цел, јави дописникот на Би-Би-Си за дипломатски прашања Пол Адамс.

Но, израелските власти сè уште не објавија детали за планот за евакуација, додаде дописникот на Би-Би-Си. До почетокот на Рамазан остануваат уште точно три недели, а бегалците се уште се во Рафах, само неколку од нив се упатиле кон запад, кон брегот.

И покрај меѓународниот притисок, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави копнен напад врз Рафа, кој треба да ги елиминира членовите на Хамас.

По упадот на Хамас на израелска територија во кој загинаа 1.200 луѓе, израелските вооружени сили го нападнаа Појасот Газа. Досега во израелските воени операции се убиени повеќе од 28.400 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 68.000 се ранети, соопшти палестинското Министерство за здравство.