Џафери продолжува со посетите на општините, но само со мнозинско албанско население

0
132

Премиерот и министерот за образование и наука во техничката Влада, Талат Џафери и Јетон Шаќири денеска беа во посета на општина Арачиново. Тие извршија увид во градежните активности што Министерството за образование и наука (МОН) ги спроведува за потребите на новото основно училиште „Абдил Фрашери“, информираат попладнево од ова министерство.

„Минатата година како Влада и Министерство за образование и наука, дадовме поддршка на една локална иницијатива на населението во Арачиново, поврзана со унапредување на воспитно – образовниот процес на децата од оваа општина. Тоа беше барање за основање ново основно училиште, со цел да се растерети работата на постојното и едно од најголемите основни училишта во државата – „Ѓерѓ Кастриот Скендебег“, каде имаше околу 2.000 ученици. И идејата се реализираше, односно од учебната 2023-2024 година, започна со работа нов правен субјект – основно училиште што функционира во еден од постојните објекти, каде во моментов се изведуваат реконструктивни активности, се наведува во писмената изјава на Шаќири.

Техничкиот премиер Талат Џафери по добивањето на функцијата речиси секој ден е во теренска посета на општините, но само каде доминира албанско население.

Џафери вчера при посетата на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза”, најмладиот државен универзитет, на кој наставата се изведува главно на албански јазик изјави дека нема предрасуди во однос на тоа што треба да посети и да претстави

„Јас за себе немам никаква предрасуда по однос на ниту едно прашање што се однесува на животот и живеењето во оваа преубава држава што ја имаме“, рече Џафери, одговарајќи на новинарски прашања, зошто откако е премиер е во посета само на места во кои живее доминантно албанско население.

Запрашан дали на пример би го посетил Универзитетот во Штип или во Виница, премиерот рече:

„Никаков проблем нема да направам таква посета и ќе направам, доколку ректоратот и управата искажат интерес да бидеме таму“

Инаку за три недели, колку што Талат Џафери ја предводи техничката Влада, на терен, тој беше во посета на обиколница во Тетово, на градинка во Липково, на Универзитетот и студентскиот дом исто така во Тетово, места со доминантно албанско население.