Милошоски: Новата влада се очекува до 20 јуни – веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ

0
67

Инаку, за евентуално учество на „Движењето ЗНАМ“ во идната влада нема официјално потврдени информации дека се водат некакви разговори меѓу политичкиот субјект на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.

Ова на неговиот профил на социјалната платформа „Икс“ го напиша пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски по вчерашното прегласување за парламентарните избори на седум избирачки места во изборните единици 5 и 6.

 

Во објавата, покрај коментарот за очекувањата околу формирањето на новата влада и идните партициенти во неа, членот на раководството на победникот на парламентарните избори ги сподели и сумираните резултати што вчера вечер ги објави Државната изборна комисија (ДИК) по прегласувањето во двете изборни единици.

Според нив, тоа донесе мала, но значајна промена во распоредот на пратеничките мандати во идниот парламентарен состав.

Коалицијата „Вреди“ доби еден пратеник повеќе и наместо 13, колку што имаше по изборите на 8 мај, сега има 14, на сметка на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, која по прегласувањето во едно избирачко место во Желино во шестата изборна единица, остана со еден мандат помалку.

360°.mk