ПРИГОВОРИТЕ МОЖЕ ДА Ѝ ОДЗЕМАТ НА ДУИ 2 МАНДАТА

0
470

Државната изборна комисија денеска објави дека добила 27 приговори од коалициите кои учествуваа на парламентарните избори.

Главната битка се бие во Изборната единица број 5. Таму 109 гласови натежнаа на страната на Европскиот фронт предводен од ДУИ. Коалицијата Европски фронт денеска соопшти дека со поднесени приговори до ДИК од други политички партии за нерегуларности на избирачки места во изборните единици 5 и 6 се прави обид да им се одземат два пратенички мандата.

Шефот на изборниот штаб на Европски фронт, Арбер Адеми, на прес-конференција попладнево рече дека „постојат сериозни обиди со политички дил, со политички договор да има изборен инженеринг, да се поткопува демократијата и слободната волја на граѓаните и на легитимитетот“.

-Другите политички партии врз основа на непринципиелен политички дил и договор и газејќи врз волјата на граѓаните, на оркестриран начин поднеле приговори за избирачки места во петтата и во шестата изборна единица, иако не е констатирана ниту една неправилност додека траеше изборниот процес и по неговото завршување. А дека тоа е така се самите потписи на сите членови на избирачките одбори предложени од самите политички партии кои денеска и овие денови поднеле приговори. Целта е јасна – сакаат на Европскиот фронт да му одземат два пратенички мандата иако тие се резултат на чистата волја на граѓаните и на нивното слободно изразување – изјави Адеми.