Избран новиот претседател на Уставен суд д-р Дарко Костадиновски

0
77

Уставниот суд денеска, по завршената координација продолжи со седницата на која беше избран новиот претседател д-р Дарко Костадиновски.

Во текот на седницата се одржаа два круга на гласање, при што прво беше предложен судијата проф. д-р Осман Кадриу кој не го доби потребното мнозинство од шест гласа.

Во вториот круг на гласање, на предлог на судијата проф. д-р Јадранка Дабовиќ Атанасовска, судијата Костадиновски го доби потребното мнозинство по што е избран за претседател на Уставниот суд на Република Северна Македонија и го започнува мандатот како претседател на Уставниот суд.

Костадиновски е избран за судија во Уставниот суд на 11 јануари 2018 година.

Роден на 27.11.1974 година во Скопје. По националност е Македонец. Дипломира на Правниот Факултет Јустинијан Први во Скопје 1997 година.

Во 2008 година станува Магистер на правни науки, а во 2012 година и Доктор на правни науки. Магистрира на темата “Меѓународната арбитража во современите меѓународно политички односи (на граница помеѓу правото и политиката)”, а докторира на темата “Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици на советодавните мислења на судот”.