Вчера во 15.30 часот во СВР Тетово било пријавено дека на локален пат Бањиче –Тетово кај мостот, А.Д.(30) од Тетово, управувајќи мотоцикл „априлија“ со тетовски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од пат. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот А.Д., констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово.

Инаку во рамките на континуираните активности што ги презема СВР Тетово за поголем ред и безбедност на сообраќајот, вчера во периодот од 16.00 до 21.00 часот спроведена е акциска контрола за прекршоците што ги прават возачите на мотоцикли.

„При контролата биле откриени и санкционирани 23 прекршоци (ТЕ-13 и ГВ-10), од кои најголемиот дел биле за некористење на заштитен шлем-кацига 13 (ТЕ-7 и ГВ-6), потоа 5 (ТЕ-3 и ГВ-2) за управување без возачка дозвола и 3 (ТЕ-2 и ГВ-1) со непродолжена осигурителна полиса, 1 (ГВ) нерегистриран мотоцикл. Против возачите биле поднесени соодветни поднесоци, а при контролата биле констатирани и санкционирани 2 (ТЕ) останати сообраќајни прекршоци“, изјави Фатмир Реџепи портпарол на СВР Тетово.

СВР Тетово апелира до возачите на мотоцикли навремено ги продолжуваат осигурителните полиси или регистрации, да не управуваат со мотоцикл без положен возачки испит, затоа што секоја сообраќајна незгода која се случила со учество на мотоцикл, крајните последици биле сериозни, а со тоа ќе придонесат за личната безбедност и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.