Околу 15 илјади кандидати полагаат мајчин јазик – Првиот испит од државната матура

0
74

Речиси 15 илјади ученици што завршуваат средно образование, денеска ќе го полагаат првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), организатор на полагањето на државната матура, пријавени се 10 088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

По повод почетокот на полагањето на државната матура во учебната 2023-2024 година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ќе го посети средното училиште „Нико Нестор“ во Струга. Директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска, пак, ќе ја посети скопската гимназија „Орце Николов“.

Вториот (изборен) екстерен испит ќе се полага на 8 јуни. Пријавени се 1356 кандидати за математика, 13 198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија.

Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.