Плата од 300.000 денари услов за враќање на двајцата пензионирани и обучени пилоти за „Ер тракторите“

0
37

Од тројца пилоти со кои располагаше Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), оваа година остана само со еден, откако двајца исполнија услови за старосна пензија. Авио-одделението на Дирекцијата е сѐ уште нефункционално и покрај предупредувањата на директорот на ДЗС Беким Максути дека „дополнителен предизвик ова лето ќе биде справувањето со шумските пожари“.

Максути вели за да се вратат двајцата обучени пилоти, ДЗС бара од Министерството за финансии плата во висина од 300.000 денари. Според него, работното место пилот во ДЗС со плата од 72.000 денари е неатрактивно и затоа посочува дека потребно е порамнување на платите на државно ниво.

– За нив бараме дополнителни средства колку што се плаќаат пилотите на Владата, кои што го летаат владиниот авион, тоа значи 300.000 денари. Треба да има синхронизација, односно порамнување на платите на ниво на држава, затоа што тие навистина летаат многу помалку од нашиве и се многу побезбедни. Исто така и пилотите вработени во МВР, кои имаат максимум 50 часови на годишно ниво, доколку пилотите во ДЗС имаат од 150 до 300 часови, рече Максути.

За да може да извршува летови авио-одделението на ДЗС, потребни се минимум тројца пилоти. Максути вели Дирекцијата не смее да извршува задачи со еден пилот, односно мора да има уште минимум двајца пилоти. Како што појасни директорот на ДЗС, според правилата пропишани од Европската асоцијација за цивилно воздухопловство (ЕАСА), пилотите пред секој лет вршат меѓусебна контрола за нивната психичка и физичка подготвеност.

– Дирекцијата не смее да лета со еден пилот, мора да има минимум уште двајца други пилоти. Едниот му е контролор, а другиот ги проверува сите постапки дали се како што треба. Ова се правила кои ги одредува ЕАСА. Едниот пилот не може самиот на себе си да потпише дека авионот е спремен и да потпише дека е физички и психички спремен, затоа што пред секој лет тие имаат меѓусебни контроли. Самиот на себе си не смее и нема право да си потпишува, појаснува Максути.