Северна Македонија ѝ го предаде на Албанија претседавањето со ПСЈИЕ

0
62

Во пресрет на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) од идниот месец, претседателот на Албанија Бајрам Бегај соопшти дека ќе се фокусираат на неколку приоритети – членство во ЕУ, економска стабилност, зелена и дигитална агенда, туризам, култура и регионално поврзување.

Албанија третпат ќе биде на чело на ПСЈИЕ, а овојпат претседавањето го презема од нашата земја. На прес-конференција вечерва во Скопје, претседателот на Албанија Бајрам Бегај ја поздрави Северна Македонија за „успешното и динамично претседавање со ПСЈИЕ“.

„Јас сум убеден дека работата и резултатите постигнати во време на вашето претседателство придонесоа да имаме посилна и поактивна организација и да изградиме подобра и подемократска иднина. Албанија останува проактивен поддржувач за регионалната соработка која го подобрува животот на граѓаните, ги засилува односите за добра соработка и помага во евроинтеграциските процеси“, рече Бегај на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, чија земја претседаваше со ПСЈИЕ минатата година.