Сиљановска Давкова на Самитот на ПСЈИЕ: Да не се блокираме, да се однесуваме скандинавски

0
71

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува денеска во Скопје, како завршна активност во рамки на македонското претседавање со Процесот под мотото „Премостување на поделбите, градење доверба“.

Во своето обраќање претседателката Сиљановска Давкова оцени дека во изминативе 28 години, Процесот им помогна на учесничките да затворат некои отворени прашања, да изградат меѓусебна доверба и да соработуваат за постигнување на заедничката цел, а тоа е целата Југоисточна Европа да добие едно заедничко знаме – знамето на Европската Унија.

Овие заеднички заложби, според претседателката Сиљановска Давкова дадоа конкретни резултати – некои станаа полноправни членки, други започнаа преговори за членство, а трети се кандидати или имаат поднесено апликација за членство.

Според претседателката Сиљановска Давкова, и покрај досегашните неспорни постигнувања, сведоци сме на забавување во регионалната соработка, особено изминативе години, поради стагнацијата во европската интеграција, недоволната инфраструктурна и енергетската поврзаност, демографското стареење и масовното иселување на младите.

Сето ова, рече претседателката, кулминираше со руската агресија против Украина, што е закана за мирот и стабилноста, но и за човечката и енергетската безбедност и безбедноста на храната.

„Ние имаме заедничка одговорност да придонесеме за зачувување на мирот во Европа, градејќи демократски, безбеден и просперитетен континент“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Kanal5.mk