ФОТО: Југохром по 8 години пауза со план догодина да се рестартира

0
261

Огромни празни печки каде некогаш се произведуваше феросилициум за странскиот пазар, сега зјаат празни. Без работници и вообичаената бучава.

Само некој прелет на птица ја нарушува тишината во некогашниот гигант каде работеаа над 2000 работници, а егзистираа 8 000 луѓе од овој регион, пишува Слободен печат.

„Слободен печат“ во обиколка на погоните каде според раководството на фабриката два од нив најголемите ќе стартуваат најверојатно догодина.

Оттаму велат дека 90% од челичната конструкција на филтер станицата која треба да воспостави еколошки процес на производство е веќе завршена, а од крајот на годината се очекува да се постават и другите елементи на системот за отпрашување.

„Ние бевме исклучени од производство оти немавме еко-филтри. Овие години работевме постојано за поставување на еко филтри за двете печки. Ние сме затворени околу 8 години. Нашиот платен фонд кога работевме ни беше околу 500 000 евра. Работниците кои работеа тука тие пари ги трошеа за локалната економија и нормално тоа влијаше на населените места. Исто така имаме план за изградба на фотоволтации. Ние планираме 30 мегавати производство на наша струја. Ние плаќаме за изградба на филтер постројка, не би плаќале ако не планираме да ја отвориме фабриката. Ни останува мала реконструкција на печките и потоа планираме да се вратат околу 350 работници оти таа филтер станица е наменета за две печки, потоа ќе продолжиме со натамошните чекори за зголемување на капацитите“, рече Славко Стојчески генерален директор на Југохром.

Од Општина Јегуновце велат дека повеќе од неопходно е фабриката да се рестартира која е двигател на економијата во Јегуновце, но и на другите соседни рурални општини. Првиот човек вели дека жителите на општината се дури и емотивно поврзани со Југохром, кој треба да ги стартува печките со нови еко-филтри.

„Југохром бил гигант кој опстојувал со децении, тој било срцето на општината. На тој начин опстојувал народот и по независноста Југохром беше голем фактор. Сега по затворањето на Југохром, голем број села замреа, луѓето се исселија тука имало над 2000 вработување или 8000 луѓе егзистирале од фабриката, а со компанијата соработувале превозници, се произведувало за фабриката храна, репроматеријали. Сега цела земја каде е Југохром лоциран ја има сопственикот на фабрката, се работи за 44 хектари земја и тој може што сака да направи со таа земја и со таа фабрика и да ја растури и да ја затвори целосно, но тоа за нас би било погубно“, вели Димитар Костадиновски градоначалник на Општина Јегуновце.

Тој не се согласува дека Југохром бил главниот загадувач на воздухот, компанијата според него била затворена од сосема други причини.

„Лично според мене Југохром е затворен поради несогласување помеѓу системот и државата и некои други поголеми интереси а не е тој затворен поради тоа што воздухот од него бил загаден. Фабриката не работа 8 години, пак загадувањето во Тетово е исто. За нас како Општина Јегуновце е значајно фабриката да функционира, ние сакаме да се рестаритра, но да работи со еко филтри“, вели Костадиновски.

Жителите на Јегуновце се прашуваат?, кој ќе работи ако фабриката навистина се рестартира.

„ Од тука младината замина и се снајде, кој во Скопје, кој на запад, не знам ако се отвори фабриката каде ќе најдат работници“, вели еден пензиониран работник од Југохром.

„Можеби ќе најдат општи работници, но каде ќе најдат инжинери, електричари и слично, ние сите со таа струка сме во пензија, а другите помладите си заминаа, додава друг жител на село Подбреѓе“, Општина Јегуновце.

„Јас ја поздравувам оваа најава за отворање на Југохром, но би замолил ако веќе решиле да работаат тоа треба да биде според сите еко-стандарди, додава друг жител на Јегуновце.

Печките во Југохром загаснаа во ноември 2016 година, откако Инспекторатот за животна средина донесе одлука за забрана за работа, поради непочитување на еколошките стандарди.

Од раководството на фабриката најавија изградба на систем за отпрашување. Беше поставен бетонскиот постамент и челичната конструкција, но по неколку месеци работите запреа.

Сега повторно е активиран процесот за изградба на филтер станица, но и оптимистика најава дека двете најголеми печки на фабриката ќе се рестаритраат наредната година.