ГРЦИЈА ГО УКИНА ЦЕНТАРОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ЛЕРИН

0
69

Апелацискиот суд во Кожани, Грција, реши да ја поништи регистрацијата на Центарот за македонски јазик. Пресудата на 68 страници е изречена на 13 август. Претходно судот во Лерин (март 2023) ја потврди законитоста на регистрацијата на оваа невладина организација. Ова тогаш се протолкува како признавање на македонскиот јазик од Грција и доследно почитување на одредбите од Преспанскиот договор. После 16 месеци дојде демантот од Кожани.

Основниот суд во Лерин во март 2023 година ги одбил сите тужби за укинување на овој центар, кој официјално беше регистриран на 27 јули 2022 година. Тужбите за поништување на првичната одлука за одобрување на регистрацијата на Центарот за македонски јазик беа поднесени од неколку ултранационалистички грчки движења и мали партии.

Центарот кратко време (од март 2023 до август 2024) беше првата организација која директно се грижи за македонскиот јазик и беше регистрирана и призната од грчките државни органи.

„Центарот за македонски јазик го изразува своето нескриено задоволство што после децениска борба, македоноговорното население во Грција се соочува со позитивен судски исход во однос на неговите легитимни барања. Правото на слободно здружување конечно е достапно и уважено во однос на организација за подршка на македонскиот јазик. Веруваме дека сега е време ова човеково право да биде достапно и за други слични невладини организации кои во минатото барале и во иднина ќе бараат нивна судска регистрација“, соопшти здружението по првостепената судска регистрација.

Во јуни годинава Центарот за македонски јазик во Грција, со седиште во Лерин, се претстави со свој штанд и на Антирасистичкиот фестивал во Солун.

Целта на Центарот за македонски јазик е зачувување на македонскиот јазик во Грција, организираше бесплатни онлајн курсеви по македонски и се залага за воведување на македонскиот јазик во јавното образование во Грција и за признавање на македонскиот јазик како малцински јазик во земјата. Други активности на Центарот вклучуваат поддршка за обука на наставници по македонски јазик, документирање на локални македонски дијалекти и следење на кршењето на човековите права на македонските говорници.

Извор МКДМК