Со нов закон ќе се завршува изградбата на автопатот Кичево – Охрид

0
54

Владата донесе нов закон за измена и дополнување на Законот за реализација на автопатот Кичево – Охрид, кој следната недела ќе се најде во македонското Собрание на усвојување. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски истакна дека законските измени се во делот на техничките карактеристики на асфалтот што се користи за финализирање на завршните слоеви на автопатската делница, приспособени на домашните геолошки услови.

– Сите проблеми што ги видовме се настанати како резултат на неодговорното работење на претходната влада. Законските измени се во делот на техничките карактеристики на асфалтот што ќе се користи. Правиме приспособување на македонските услови. Асфалт не може да се носи повеќе од 100 километри од местото во кое е произведен. Мора да се користи локална оператива и се приспособуваме на геологијата, односно на наоѓалиштата што се користат во изработката на асфалт – рече Николоски.

По гласањето на овој закон, тој најави дека веднаш ќе се започне со асфалтирање на финалните делови на одредени делници.

– Веќе следната пролет очекувам да имаме делови од автопатот што ќе бидат целосно ставени во функција. Очекувам до крај на 2026 година, да имаме конечно завршен автопат – рече Николоски.

Министерот истакна и дека се решаваат наследените проблеми со експропријацијата, објектите што се на трасата, како и со свлечиштата.