Тодор Александров се врати во родното штипско Ново Село преку споменик

0
50

Со свечена церемонија, коњаници кои во комитска облека го поминаа патот од центарот на Штип до Ново Село, и со панихида во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ е одбележана 100 годишнината од загинувањето за Тодор Александров, македонски политички водач, војвода и еден од водачите на ВМРО. Во негова чест денес е подигнат споменик, а иницијативата дојде од патриотското здружение „Мише Развигоров“ за што позитивно се изјасни и Советот на Општина Штип.

Целта на убиството на Тодор Александров била да згасне идејата за независна суверена Македонија. Ние, после сто години од неговата смрт го продолжуваме неговото дело преку поставување на ова спомен обележје. Нека му е вечна славата, нека продолжи борбата за Македонија“, рече на настанот штипскиот градоначалник Иван Јорданов

За Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт „Гоце Делчев“ на ВМРО ДПМНЕ Тодор Александров е еден од најголемите Македонци, и е рамо до рамо со Гоце Делчев.

„Тој е еден од најголемите Македонци, а јас секогаш велам дека Тодор Александров е рамо до рамо со Гоце Делчев. Срамота е што досега не сме го направиле ова. Но, сакам да искажам голема благодарност до градоначалникот на Штип Иван Јорданов што сега го имаме Тодор Александров во Ново Село во местото на неговото раѓање,“ рече Пандов на церемонијата на отворање на споменикот.

Тој додаде дека доколку не би постоел Тодор Александров и таквите борци како него, ние не би се нарекувале Република Македонија.

Тодор Александров Поп-Орушов (Ново Село, 4 март 1881 — Сугарево, 31 август 1924) е македонски политички водач, војвода и е еден од водачите на ВМРО. Во 1898 година тој се приклучил во ТМОРО. Бил учител и раководител на месните комитети во Кочани, Виница, Кратово, Ново Село и Штип, секретар на четата на штипскиот војвода Мише Развигоров (1905) и на кочанскиот околиски војвода Симеон Георгиев-Кочански (1907), окружен војвода на Скопскиот револуционерен округ (1907), член на ЦК на ВМОРО (1911), член во Штабот на III македонска бригада во Балканските војни и во Штабот на партизанската чета на III бригада на XI македонска дивизија во Првата светска војна.

По војната, заедно со Александар Протогеров и Петар Чаулев, ја обновил организацијата под името ВМРО (1919) и во 1920 ја зацврстил во пиринскиот дел на Македонија. Го потпишал Мајскиот манифест за обединување на македонските револуционерни сили (1924), но пред убиството јавно се откажал од својот потпис. (Истокпрес)