ТУРЦИЈА НИ ДОНИРАШЕ ДРОНОВИ

0
76

Во касарната „Илинден“ во Скопје можеше да се види дел од опремата која Турција ја донира. Станува збор за дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема. На настанот присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал – мајор Сашко Лафчиски, како и амбасадорот на Турција, Фатих Усулој.

Турскиот амбасадор Усулој рече оти чест му е што сведочи на еден од значајните мигови на долготрајното пријателство меѓу двете земји.

„Воената опрема што се донира, не претставува само еден грант, туку е симболичен знак на нашата поддршка во насока на зајакнување на одбранбените компетенции на Северна Македонија. Особено сум среќен, што ова примопредавање се реализира на ден што коинцидира со 30 август – Денот на победата (Денот на Армијата), што има посебно воено значење за Туркије“, нагласи турскиот амбасадор.

Тој посочи дека односите меѓу двете земји, својата сила ја црпат од длабоко вкоренетите историски, културни и меѓучовечки врски.

Министерот Мисајловски се заблагодари за донацијата и го честиташе Денот на победата и Денот на вооружените сили на Република Турција. Донацијата од Република Турција уште еднаш го докажува вистинското и трајно пријателство меѓу нашите народи, рече Мисајловски и додаде дека значително ќе се зајакне моќта на македонската војска.

Новинарите го прашаа Мисајловски дали се планира нова помош за Украина од Македонија, за што ќе треба да се изјаснат претседателката на Македонија и врховен командант, Гордана Сиљановска Давкова и шефот на дипломатијата.

„Ќе има дополнителен пакет за помош кон Украина и тоа прашање ќе се најде на владина седница откако сите министри ќе добијат безбедносни сертификати. Дел од овие информации се со доверлив карактер. Наскоро ќе се објави каква дополнителна опрема ќе се дава. Но, таа опрема е од претходната што се давала, дел е од тоа што останало дополнително да се предаде“, рече Мисајловски.

Мисајловски кажа дека е многу важно да се направи проценка на вредноста на донираната помош.

„Целосна проценка на вредноста на тоа што е дадено не е направена во изминатите години иако е тоа многу важно бидејќи како земја членка на НАТО сме обврзани секоја година да издвојуваме средства за помош на Украина. Уште повеќе е важно да ја направиме проценкта на сето она што сме го дале бидејќи во овој момент сме петта земја контрибутор на донации и помош кон Украина. Така ќе продолжиме и во иднина со што ќе покажеме дека сме стабилна членка на НАТО“, рече Мисајловски.