Дурмиши: Ќе донесеме поригорозни мерки ако следниот месец драстично се зголемат цените

0
36

Министерот за економија Бесар Дурмиши уверува дека есенската кошничка има ефект и дека цените на производите се намалени за пет до десет отсто. Сепак истакнува дека мерката истекува на крајот од овој месец, а ако има драстично покачување на цените, ќе бидат преземени поригорозни мерки.

Од 24 септември, Владата донесе мерка за намалување до 10 отсто на маржата на основните прехранбени производи. Станува збор за 73 производи, со што цените треба да бидат пониски за десет проценти.

Владата ги задолжи трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.

Министерот Дурмиши потсети дека според синдикалната кошничка, цените на храната и пијалаците во октомври се пониски за преку 900 денари.

„Наредниот месец очекуваме повторно намалување на цените зашто е во сила Законот за нефер трговски практики. Ако видиме дека трговците ги зголемуваат цените, ќе преземеме поригорозни мерки“, најави министерот.

Законот за забрана на нефер трговски практики се применува од 28 септември. Тој предвидува повеќе од 2500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто (тоа е разликата меѓу цената по која набавуваат одреден производ и по која потоа ќе го продаваат).

Дурмиши нагласува дека со есенската кошничка има и производи кои не се воопшто или се многу малку намалени а како пример за такви ги посочи лебот, млекото, маслата за јадење, но како што рече, имало и производи чии цени се намалени и за над 10 проценти, вбројувајќи ги тука месото, зеленчукот и млечните продукти.