Мицкоски: Да не го губиме времето на поделби, туку да создадеме општество на можности и почит

0
37

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски им го честита на граѓаните Денот на македонската револуционерна борба. Преку Фејсбук Мицкоски порачува да не го губиме времето на поделби и прашања кои не разединуваат, туку посветено да работиме за подобар живот и на создавање општество на можности и почит.

Нека е честит и вековит денот на Македонската револуционерна борба. На овој ден е формирана и Македонската револуционерна организација. Делото на организацијата која ги носи историските свети букви ВМРО е дело кое се вгради во изградбата на самостојна држава и своја самосвест. Никулците на македонската национална мисла создадени пред илинденскиот период, делата и идејата на преродбениците, и енергијата на македонското граѓанство, ефектите од претходните востанија на разни делови на тогашната Македонија, кулминираа и се преточија во движечката сила на Македонската револуционерна организација. Тоа беше силата втемелена во идејата за сопствена независна држава со свој идентитет и посебност, наведува Мицкоски.

На овој ден, повикува премиерот, да се потсетиме на хероите кои ги дадоа животите за слободна Македонија, но и на заветот кој не обврзува.