Почна лидерската средба за изборен датум, Заев за брзи избори, Мицкоски вели прво здравјето на граѓаните, па избори

0
103

Во претседателската вила Водно почна средбата на партиските лидери на која се разговара за терминот за одржување на предвремените парламентарни избори. Според првичните информации од средбата, лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се на сосема спротивставени позиции.
Зоран Заев, претседателот на СДСМ и на средбата во вила Водно, како што дознаваме, ги брани позициите за брзи избори без разлика на излезноста и економската криза. На средбата биле презентирани мислењата на здравствените експерти и податоците за негативните салда на македонските компании. И покрај сѐ, Заев останува на позицијата избори во јуни или најкасно почетокот на јули. За Заев, брифираат присутни на средбата, граѓаните веќе стекнуваат имунитет на коронавирусот и додал дека би прифатил избори и на почетокот на јули.

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, останува на позицијата дека прво е потребна заштита на здравјето на граѓаните, дури потоа да се разговара за избори.

Во октомври лани изборите беа закажани за 12 април, но беа одложени со уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ризикот од ширење на коронавирусот.

На средбата што ја организира претседателот Стево Пендаровски присутни се и лидерите на ДУИ, Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на Алтернатива, Африм Гаши, на движење Беса, Билал Касами и претседателот на ДПА, Мендух Тачи, како и претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски.

На средбата биле презентирани мислењата на Комисијата за заразни болести за мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување изборни процеси во време на пандемијата и на Државната изборна комисија за временските рокови потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес.

Според СДСМ, предвремените парламентарни избори кои се веќе распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин, 21 или 28 јуни.

Вчера Мицкоски изјави дека на лидерската средба очекува разум, трезвеност и свесност за реалната ситуација.

Од ДУИ вчера изјавија дека се за одржување избори што побрзо доколку со нив не се загрози здравјето на граѓаните и дека претераното одложување на изборите не е во интерес на никого, ниту на владејачките, ниту на опозициските партии, а најмалку на државата.