„27 април“, жалбена постапка во Апелација

0
86

Поранешните високи полициски функционери и пред апелационите судии негираа одговорност за упадот во Собранието. Ова денеска во Апелација на јавната седница го кажаа нивните адвокати. Според нив, надлежност да постапуваат за упадот немале ни Митко Чавков како тогашен директор на Бирото за јавна безбедност, ни Митко Пешов како началник на посебните едници на полицијата, а ниту Душко Лазаров кој бил дежурен дента во оперативниот штаб. Според адвокатите, тоа било надлежност на СВР Скопје.

Адвокатот на Чавков кажа дека тој всушност требало да биде и награден, наместо осуден на 18 години, затвор бидејќи кога стигнал на работа веднаш почнал да дава наредби за спасување на присутните во Собранието. Дукоски побара укинување на пресудата против Чавков.

„Оваа пресуда е фингирана пресуда и нема било каков доказ. И затоа сметам дека не може да опстане“, рече Сашко Дукоски, адвокат.

Одбраната на обвинетиот екс-началник на специјалците, Митко Пешов, тврди дека самото СВР Скопје од него побарало да испрати помал број припадници од неговата единица. Адвокатите на дежурниот оперативец во МВР, Лазаров пак, забележаа дека во пресудата не било наведено кој требало да даде наредба за полицијата да ја разбие толпата.

„Анализирате упатства, па не знаете ниту да ги анализирате во кои стои дека СВР Скопје е носител на командата за територија на Град Скопје…“, рече Звонко Давидовиќ, адвокат.

Инаку, денеска, Александар Василевски – Нинџа, кој исто така е осуден на затвор за терористичко загрозување на уставноста, повторно се пожали дека добивал закани по животот од лица блиски до ќерката на Чаков. Одбраната на Чавков негираше. Во Апелација и утре продолжува жалбената постапка на останатите осудени.

Извор Алсат