Дебар повторно со зголемен број заболени од Ковид-19

0
84

Дебар, градот во кој во март се појави првиот случај на заболен од ковид 19 во Македонија, не може сам да се справи со нов, посилен бран на заразени. Во моментов има 53 активни случаи, но лекарите велат дека нема доволно кревети за пациенти во болницата, а нема ниту медицински персонал. Има по еден епидемиолог и инфектолог и четворица интернисти. За болните има само четири кревети во инфективната амбуланта и се лекуваат само пациенти со полесна клиничка слика.

„… Потешките случаеви ги праќаме во Скопје, но сега, со зголемување на бројот на заразени ние ќе видиме со директорот на болницата. Ние немаме капацитет во инфективното одделение да ги лекуваме тешките случаеви и затоа во согласност со Министерството за здравство ќе видиме како ќе го решиме тоа“, рече Ментор Меља, епидемиолог во Дебар.

Од дебарската болница велат дека имаат четири одделенија кои можат да се пренаменат, но недостасуваат лекари.

„Според ова, ние фактички треба да размислуваме за план Б, според кој ако ситуацијата ни излезе од контрола со зголемување на бројот на заразени и ние како институција ќе пуштиме уште еден оддел“, рече Баки Алили, директор на општа болница во Дебар.

Педијатарот, Арбен Аголи, кој беше првиот лекар во Македонија кој се разболе од ковид 19, вели дека доаѓа тежок период и за Дебар. Смета дека ќе мора да се најде начин, пациентите од Дебар да се лекуваат во градот. Добро е вели да се стави во функција модуларната болница најавена од страна на државата.

„Како што започна ситуацијата малку се раскомотивме во Дебар, од фактот што пациентите со потешка состојба имавме можност да ги препраќаме во Скопје, во 8 Септемри и во Инфективната клиника…. Одговорност е на здравствени власти на дебарската болница да направат реорганизација на одделите. Добро е еден од актуелните оддели од дебарската болница да се преадаптира за потребите на болести со ковид“, изјави Арбен Аголи, лекар од Дебар.

Дебарчани велат дека стравуваат од ширење на заразата во нивниот град.

„Нормално луѓето живеат во страв од короната. Секој се плаши од корона, тоа е сосема нормално. Многумина носат, но има и кои не носат, од таквите може да има проблем, заради не носење маска“…

„Ви кажувам, имам 75 – 76 години. До сега вакво нешто не сум доживеал. Што да речам, во Божји раце сме, некој носи некој не носи маска, тоа е лично. Зборот ми е, здравјето треба да го чуваме, без разлика кој си“…

„За болеста, има што не се кажуваат луѓето. На пример јас, ја имам болеста, ќе дојдам ќе се поздравам со тебе и на крај ти ќе настрадаш“, велат дебарчани/

Се забележува дека многумина во Дебар не носат заштитни маски, или тоа го прават на несоодветен начин. Имаше групирања и по угостителски објекти и по парковите и улиците. Во Дебар, месечно се тестираат помеѓу 100 и 150 лица поради ковид 19.

Алсат М