Ангелов со порака до УЧК: Груби направи хуман гест – помирувањето да продолжи

0
41

На денешен ден пред 20 години, со заземање на Тетовско кале од страна на припадници на тогашната ОНА и напад врз полициските сили потоа, започна воениот конфликт во Македонија, рече денеска полицискиот генерал и учесник во војната Стојанче Ангелов кој ја посети оваа локација. Тој им порача на ветераните од ОНА дека е потребно да се вложат во процесот на помирување, со што реагираше на нивното соопштение со кое го осудија оддавањето на почит на загинатите „Тигри” од страна на Артан Груби и Назим Буши, виски државни и функционери на ДУИ.

 

Ангелов, кој денес е претседател на партијата Достоинство, силно го држат сеќавањата на воената 2001 година. Вели, најпрво имаше еден митинг во центарот на Тетово, за кое време се слушнаа рафални пукотници од Калето. Потоа тргна полицијата кон таа локација и беше нападната. Конфликтот потоа се ширеше низ земјата.

Ангелов вели дека ОНА тврдеше подоцна дека се бори за човекови права, а македонските власти за освојување на територија. Тој порачува дека науката треба поангажирано да се позанимава со конфликтот од 2001 година и дека тоа ќе помогне и во процесот на помирувањето. Сепак, вели, војната однесе човечки животи, трагични судбини, разнишана доверба која и ден денес се чувствува.

„Вчера вицепремиерот Артан Груби направи убав чин – застана пред споменикот на загинатите ‘Тигри’, меѓу кои има и загинати припадници во борбите од 2001 година. Но денес, некои припадници на УЧК излегоа со соопштение со кое го осудија овој негов, всушност, хуман гест, притоа укажувајќи му дека ‘Тигрите’ убивале Албанци. Тоа не е точно. Им укажувам на овие неколкумина припадници на некогашната УЧК дека македонските бранители не убиваа Албанци, туку само си ја бранеа Татковината. Ваквите соопштенија не водат кон помирување кон што треба сите да тежнееме, бидејќи Македонија е една, заедничка Татковина“, изјави Стојанче Ангелов.