Борисов потврди дека нема да биде повеќе премиер на Бугарија. Дали пожарникарот ќе оди во пензија?

0
26

Бестрашен, самоуверен и како што за себе вели, во моментов најподготвен за позицијата премиер, Бојко Борисов сепак потврди – нема да се кандидира за премиерска функција. Убедливиот победник на изборите, кој деновиве ќе го добие мандатот од Радев, забележително нервозен само соопшти дека ќе предложи кандидат со јасна европска и НАТО ориентација.

-Нема да кажам ништо додека не излезе изборната комисија и не ги прочита сите министри на чело со премиерот. Денеска ви кажувам, јас нема да сум кандидат за премиер., вели Бојко Борисов, премиер на Бугарија во заминување

Дел од медиумите веќе објавија дека сигурен кандидат за премиер ќе биде Даниел Митов, екс министер за надворешни во техничката влада на Георги Близнашки, вест која нема речиси никакво значење, со оглед дека шансите на ГЕРБ да формира влада се речиси никакви. Оттука, сите погледи и натаму се насочени кон шоуменот Слави Трифонов, чиј континуиран молк е несфатлив за Борисов.

-Секоја вечер во прајм тајм, г-н Трифонов држеше политички предавања со голема омраза кон власта, кон Плевнелиев, кон мене, кон сите. Така што не е случајно, новото појавување на политичката сцена. Треба да се преземе одговорност, изјави Борисов

Трифонов во моментов е позитивен на Ковид-19, а од изборите се огласи само два пати на фејсбук. Речиси сите политички партии, вклучително и ГЕРБ и бугарските социјалисти, директно или индиректно му понудија поддршка да формира кабинет. Иако во игра се неколку комбинаторики, најизвесна коалиција засега би можела да биде составена од Има таков народ на Трифонов, БСП, Демократска Бугарија и Исправи се, кои би имале комотни 135 мандати во Собранието.