СИЛЈАНОВСКА – ГРУБИ Е ГРУБ ЕГЗЕКУТОР НА ПРАВОТО И ФЕУДАЛЕН ГАЗДА НА ТЕТОВО

0
65

Во текст со наслов: „УЧИТЕЛОТ“ против УЧЕНИЦИТЕ, владата против локалната самоуправа!”, пратеничката професор Гордана Силјановска Давкова ја анализира првичната одлука на вицепремиерот Артан Груби да ја одземе зградата на тетовската гимназија каде учат македонски ученици и да ја додели на државниот катастар:

,,Каков е тој „ професор“ кој одзема гимназиска зграда и му ја дава на Катастарот? Никаков! Какво е тоа „ едно општество за сите“ во кое постои сегрегација во средното образование, па учениците Албанци и учениците Македонци, средношколскиот живот го минуваат одвоено? Никакво.

Каде ќе другаруваат, каде ќе видат дека имаат слични радости и проблеми, каде ќе се вљубуваат без оглед на нација и вера? Никаде! Каква е таа држава во која т.н „ прв заменик на премиерот“, небаре феудален сопственик на Тетово, одзема општинска сопственост (средношколската зграда) и му ја подарува на трајно користење на Катастарот? Никаква, предграѓанска!

Како учителка по вокација, на привремена работа во собранието, не можам да поверувам дека „учителов“, откако ГРУБО обзнани за време на локалните избори дека Кичево било воен плен на ОНА, дополнувајќи ja “хуманата“ порака на СВОЈОТ doctor honoris sine causa: „ВМРО-ДПМНЕ, (всушност кандидатот, др Јовановски, чија сопруга е Албанка) да ги тргне рацете од Кичево“, сега, од позицијата на министер, господарски се однесува кон Тетово, иако неговата партија ја изгуби власта во него. Не му/им помогна ни зелената фабрика, ни зелено- синиот предизборен фестивал на олигархиската дружина, ни ПРВАТА партиска лопата, ни подарените државни пари од даночните обрзници на банкрот фирмата! Најчудно беше што на настанот го немаше првиот човек на Тетово, градоначалникот Касами, а РЕДНО БЕШЕ! Можеби ДУИ смета дека штом ПАРТИСКАТА ПРЕСТОЛНИНА е во Мала Речица, градот под опустошената ШАРА, мора да е нивен!

Еден „ учител“ СЕКОГАШ мора да биде на страната на учениците и ОБРАЗОВАНИЕТО. Зарем министеров не ја знае ОДИСЕЈАТА на гимназијата „ Кирил Пејчиновиќ“?

Пак ли ќе талкаат средношколците по руинирани и несоодветни објекти, чекајќи еден ден да ја здогледаат ветената НОВА ЗГРАДА, небаре Пенелопа? Зарем документите му се поважни од учениците и професорите? Зарем, како „ учител“ се чувствува пријатно, ВДОМЕН во огромната зграда што му служи за роденденски и партиски „ МИРОВНИ“ забави, живеејќи по начелото : „ни работа, ни сабота“.

Го упатувам г-динот Груби на извештаите на Конгресот на локални и регионални власти за „ локалната демократија во Македонија“ што укажуваа на потребата од гарантирање општинска сопственост како неопходна претпоставка за развиена локалната самоуправа и демократија!

Зарем никој(а) од ПРЕКУБРОЈНИТЕ вработени во неговото УНИКАТНО МИНИСТЕРСТВО, пред да ја потпише бизарната одлука на Владата, не му кажа дека недвижниот имот на средните училишта е општинска сопственост?