81 година од убиството на народниот херој Страшо Пинџур: Умрел по силни измачувања од бугарската полиција, ни денес не се знае неговиот гроб

0
166

Страшо Пинџур во неговиот дневник запишал: „Јас ќе умрам млад, а мојот гроб нема да се знае”. Ова негово претчувство навистина се остварило
Кавадарци денеска одбележува 81 година од убиството на народниот херој Страшо Пинџур, од времето на НОВ и Револуцијата 1941-1945 година, информираат од Музеј галеријата во градот.

Страшо Димитар Пинџуров бил роден на петти март 1915 година во Струмица каде неговиот татко работел како учител. Потекнувал од познатото револуционерно семејство Пинџурови од Ваташа. Се образувал најпрво во Ваташа и Кавадарци, а кога во 1929 година биле укинати сите гимназии во Македонија од страна на големосрпската власт, своето образование го продолжил во Србија, каде биле отворени посебни интернати за македонските ученици. Во гимназијата во Крагуевац се изградувал како напреден младинец и револуционер.

Таму во 1933 година започнал да го пишува својот дневник во кој можеме да прочитаме за неговите размислувања, за светот што го опкружува, за другарите, за љубовта. Покрај другото во овој дневник запишал: „Јас ќе умрам млад, а мојот гроб нема да се знае”. Ова негово претчувство навистина се остварило, потсетија од Музејот.

Во 1935 година Страшо Пинџур се запишал на Правниот факултет во Белград. Многу брзо влегол во редовите на напредното младинско и револуционерно движење. Се вклучил во Друштвото на напредните македонски студенти ,,Вардар”, а во текот на 1936 година бил избран за негов секретар. Станал и член на Акциониот студенски одбор. Тој бил еден од основачите на македонското народно движење МАНАПО.

Текстот продолжува тука.