Карпош не е на Стевчо или градежниците, туку на граѓаните- протест против 17-катница кај Воена болница

0
160

Под мотото „Излези ако ти е доста од владеење на Мафијата“ граѓани на Карпош денеска протестираа против изградбата на 17 катница во близина на болницата „8 Септември“. Инвеститор е ЗСФ КОМ на Фатмир Етеми, а градежната дозвола е правосилна од четвртокот. Додека граѓаните протестираат на терен видливи се припремите за да се почне со градежните работи.

Организаторите на протестот „Независни за Карпош“ бараат да се поништи позитивното мислење на конзерваторскиот центар донесено под палката на екс директорот Константин Димитров, кој подоцна беше осомничен во акцијата „Шар“ за скопската Чаршија. Дел од парцелата всушност влегува во границите на зградата споменик Воена Болница која е заштитена како културно наследство.

„Бараме тоа да се поништи и сите дејствија кои што произлегуваат од него. Издадена градежна дозвола не е легална на таков начин добиена затоа бараме да се поништат и општината да не издава градежна дозвола. Меѓутоа општината уште на 18 јануари ја потпишала, 15 дена ја криела и та ани9каде не беше објавена за да почнат со изградба и да стане правосилна“, рече Невена Горгиевска од Независни за Карпош.

Иако, според сознанија ан „Независни за Карпош“ имало првично негативно мислење од конзерваторскиот центар, Димитров формирал комисија која потоа дала зелено светло за градежна дозвола, а тој истовремено бил и член на комисијата за урбанизам во Карпош. Жалбата во министерството за култура е поднесена уште пред два месеца.

„Бараме побрза реакција на институциите. Ние им укажавме. Дадено им е на знаење пред два месеци дека има проблем во издаденото одобрение од конзерваторскиот центар. Го притворуваат директорот за други нелегални активности и на сето тоа општината издава дозвола на веќе основано сомнение дека истата не е легална“, изјави Татјана Стојановска од Независни за Карпош.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска вчера кусо за Телма изјави дека веднаш била формирана работна група и се надева дека исход ќе има во догледно време.

„Фактички со нивното молчење го аминуваат криминалот затоа треба да прекинеме да молчиме и да се спротиставиме ако сме навистина против корупција и проформа извршување на законите“, додаде Горгиевска.

Од Општина Карпош реагираа дека протестот е политички организиран и не ја изразува волјата на мнозинството граѓани. Според нив оваа инвестиција е ја зголеми понудата на станови и ќе ги стабилизира цените.