Изгласан е законот со кој се враќаат државните кампањи во медиумите

0
223

Со поддршка на 64 пратеници Собранието ги изгласа измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Законските измени ќе ја укинат забраната за државно рекламирање на централната и општинската власт, на приватните телевизии, која што беше воведена во 2018 година.

За реклами определен е износот, „0,1 отсто од државниот буџет од даночните приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на Буџетот“. Оваа пракса беше остро критикувана во време кога СДМ беше во опозиција, а ВМРО-ДПМНЕ на власт. Тогаш опозициујата тврдеше дека станува збор за корупција на медиумите со државни пари. Вчера пратениците од речиси сите партии, се сплотија и го вратија државното рекламирање.

Со овие измени националните телевизии од една страна и сателитските и кабелски телевизии од друга, делат по 40 отсто од финансиите за државното реккламирање, 15 отсто се наменети за локалните и регионалните телевизии а 5 отсто за радијата..

На потег е претседателот Пендаровски, ќе го потпише или не указот за овој акт.

– Откако ќе пристигне законот кај нас во Кабинет, претседателот ќе изврши консултации со експерти од областа и во следните неколку денови ќе донесе одлука. – велат од Кабинетот.

Новинарските организации и граѓанските здруженија од медиумскиот
сектор во Македонија, категорично се спротивставуваат за враќање на државното рекламирање во медиумите пред изборите, спроведени преку скратена постапка и со злоупотреба на европското знаменце. Професионалните новинарски здруженија и граѓански организации од медиумскиот сектор и кога постоеше државното рекламирање, сметаа дека со тоа дополнително се засилуваат коруптивната и клиентелистичка култура во медиумскиот систем, и како такви се штетни за медиумскиот плурализам, независноста на медиумите и слободата на новинарите и медиумските работници во Македонија.

– Алармираме дека измената на законот претставува сериозно нарушување на основните демократски процеси преку коja се загрозува улогата и независноста на медиумите и на медиумскиот регулатор. Сметаме дека е крајно време да се формира Фонд за плурализам во медиумите, кој би поддржал квалитетно новинарство и разновидна програмска продукција во спротивност на државното рекламирање кое служи како алатка за политички влијание и контрола, како и да се земат предвид другите предложени можности како што е даночното ослободување за новинари и медиумски работници. – велат од ЗНМ.

Законот со европско знаменце беше поднесен лани во ноември.

Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на патот кон ЕУ за 2023 година јасно наведува дека наместо државни кампањи, на медиумите им се неопходни одржливи решенија за нивна поддршка.